Со измените и дополнувањата на Законот за минимална плата што вчера ги изгласаа пратениците, фирмите коишто на вработените ќе им ја покачат минималната плата ќе добиваат државна помош.

Со тоа, како што велат од Министерството за труд и социјална политика, се засилува поддршката за работниците да добијат повисока минимална плата, но истовремено се штитат и нивните работнички права.

Финансиската поддршка по работник изнесува 30 отсто од разликата помеѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатена во октомври, ноември и декември лани. Поддршката може да изнесува, најмногу до 1.200 денари месечно по работник.

Ресорното Министерство укажува дека истовремено, мерката е одговор на барањето на работодавачите за адресираниот проблем со т.н. уравниловка, а тоа е потребата да растат преостанатите плати блиски со минималната плата, за да не ги изгубат или демотивираат попродуктивните работници.

– Преку финансиската поддршка ќе се поттикне спиралата за покачување на платите во трудоинтензивните сектори што позитивно ќе влијае на растот на продуктивноста на компаниите и на растот на животниот стандард на работниците – соопшти МТСП.

Средствата за исплата на финансиската поддршка, што ќе се исплаќа за периодот од јули годинава до декември следната година, се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.