Како дел од шестиот пакет анти-ковид мерки, врз основа на информацијата за спроведениот јавен повик за финансиска поддршка на компании – оператори од индустријата за организација на настани, Владата денеска донесе одлука на 33 економски оператори од оваа дејност што ги исполнуваат условите утврдени во јавниот повик, од вкупно 45 апликации, да им бидат распределени 15.443.661,00 денари.

Владата, како што соопштија по одржаната седница, денеска ја разгледала и информацијата за резултатите од спроведениот јавен повик за финансиска поддршка на регистрирани игротеки и приватни детски одморалишта, и била донесена одлука за исплата на вкупна финансиска поддршка од 5.442.232 денари, за вкупно 73 правни лица кои ги исполнуваат сите услови од јавниот повик за правните лица од овие дејности.

Од истата шеста програма за справување со последиците од ковид кризата, денеска членовите на владата донеле и одлука за финансиска поддршка на регистрирани фотографски студија и фитнес-центри со која на сите 184 правни лица од овие дејности кои аплицираа на јавниот повик, со оглед на фактот што сите ги исполнуваат условите, да им биде распределена предвидената финансиска поддршка од 11.924.820,00 денари.

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 86-та седница го разгледа извештајот за спроведениот јавен повик за финансиска поддршка на лиценцирани туристички водичи и донесе одлука да се одобрат 2.460.000,00 денари за 80 лиценцирани туристички водичи кои ги исполнија условите и критериумите утврдени во јавниот повик, стои во писменото соопштение.

Со оваа одлука, како што појаснуваат од таму, на туристичките водичи ќе им биде исплатена еднократна финансиска поддршка во висина од 30.750 денари за надминување на последиците од ковид-кризата опфатена во шестиот пакет мерки на Владата.