Фото: Дарко Андоновски / Илустрација

По стапувањето во сила на новиот анекс на договорот со кинески „Синохидро“, се очекува интензивна изградба на автопатот, што би значело тој да биде завршен до средината на 2021 година

Дополнителни 187 милиони евра ќе чини изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Со новиот, трет анекс на договорот со изведувачот на градежните работи, кинески „Синохидро“, кој вчера, по едногодишни преговори, го усвои Владата, се утврдени дополнителните финансии, со кои на терен се најавува интензивирање на градежните работи за автопатот, во должина од 57 километри.

– По една година преговори, успеавме да направиме заштеди од 95 милиони евра. Ако се продолжеше со реализација на договорот по старите цени, дополнителните работи ќе чинеа 282 милиони евра, а со новите сега тој износ е 187 милиони евра – истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Анѓушев потсети на клучните проблеми поради кои беа во застој или забавени градежните активности, како што се погрешно проектирана документација, несоодветни геомеханички испитувања и нерешена експропријација.
Дополнителните 187 милиони евра, откако анексот ќе биде усвоен од Собранието, ќе се обезбедат со кредит од кинеската Ексим банка.
Како што наведе министерот за финансии Драган Тевдовски, претходниот кредит за автопатот што го обезбеди поранешната влада беше со два процента фиксна каматна стапка, рок на отплата од 20 години и петгодишен грејс-период.

– Со новиот анекс, „Синохидро“ се согласува да изгради девет клучки што претходно не беа предвидени, алтернативен пат од Пресека до Арбиново, да изведе дополнителни работи во тунелот Пресека, како и сите пропусти за вода на целата траса и ископите за стабилизација на косините и санација на свлечиштата на целата траса. По стапување во сила на анексот, изведувачот во рок од 28 дена ќе подготви детална програма за работа според реалните услови на терен во согласност со договорените позиции – информира министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Како што истакна и вицепремиерот Анѓушев, по анализа на опцијата за прекин на изградбата, што ќе довело до ситуација државата да остане и без автопат и да враќа пари и да му плаќа големо обесштетување на изведувачот, се пристапило кон опцијата да се продолжи со проектот, но со претходно решавање на сите проблеми. Реалната реализација на проектот за 57-километарскиот автопат со новите услови изнесува 45-50 проценти.

– По стапувањето во сила на анексот, се очекува интензивна изградба на автопатот, што би значело тој да биде завршен до средината на 2021 година – наведе Анѓушев, посочувајќи дека тоа ќе придвижи 20 проценти од градежните работи во државата и соодветно ќе се одрази на реализацијата на капиталните инвестиции.
Кинески „Синохидро“ во наредниот период ќе треба да избере и нов подизведувач од домашните компании на местото на „Трансмет“ поради тековните проблеми на компанијата.

Со вториот анекс на договорот во септември годинава, Владата овозможи да се користат 205 милиони евра кредит од Ексим банка, исто така во насока на откочување на градежните работи. Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година, а во согласност со договорот склучен од претходната влада, требаше да чини 411 милиони евра. Е.Р.