Уставниот суд на вчерашната седница донесе одлука со која го укинува членот 163, став 3 од Законот за банките, со што е прифатено барањето на здружението за оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“. Оспорениот став 3 од членот 163 е еден од членовите што го регулираше делот за стечајната постапка на банките.
Во досегашниот став 3 од членот 163 беше наведено „Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основа на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители“.
Од здружението „Правда за штедачите“ се надеваат дека оштетените физички и правни лица ќе добијат еднаков третман со Фондот за осигурување на депозити по донесената одлука на Уставниот суд.
– Не се работи за нарушување на сигурноста и стабилноста на банкарскиот, уште помалку на финансискиот систем, туку за лошо и спротивно на Устав законско решение со кое физичките, и особено правните лица, како депоненти на банките, во случај на стечај се ставени во нерамноправна и дискриминирачка позиција во однос на државниот Фонд за осигурување на депозити – велат од Здружението за оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка.

Преку соопштение за јавноста, од Здружението им изразија благодарност на уставните судии што застанале во одбрана на уставноста.
Покрај од ова здружение, во изминатиов период реагираа и правни лица што не се обесштетуваат од државниот Фонд за осигурување на депозити во случај на пропаѓање на банка, а чии средства останале заглавени во Еуростандард банка со отворањето на стечајната постапка. Тие тврдеа дека со спорниот член 163 став 3, државниот Фонд за осигурување на депозити има монопол во наплата на побарувањата во однос на физички и правните лица што биле депоненти на банката во стечај и кои за наплата на побарувањата од стечајната маса досега мораа да се надеваат единствено на финансиските остатоци.