Дали и колку е можно да се заштити околината во која се гради и колку е важно секој проект да биде еколошки конципиран, почнувајќи од идејата, преку планирањето, идејните и изведбените проекти, па до неговата реализација?

ЕКОЛОШКО-КОНЦЕПТУАЛНИ ПРОЕКТИ – ОД ПЛАНИРАЊЕ ДО РЕАЛИЗАЦИЈА

Заштита и зачувување на природната средина паралелно со изградба на нови објекти за домување или, пак, со изградба на инфраструктурни објекти, како што се железничките пруги, гасоводните мрежи, автопатиштата…, станува тренд низ светот паралелно навестувајќи ја иднината на архитектурата и на градежништвото. Колку е можно да се заштити околината во која се гради и колку е важно секој проект да биде еколошки конципиран, но и детално испланиран, документациски педантно и прецизно подготвен за да нема пречки или застои во неговата реализација? На темата за почитување на правилата за планирање на одреден простор при изградба на објекти наменети за домување, но и за јавните објекти разговаравме со домашните експерти, кои истакнаа дека доброто професионално планирање може да оди паралелно со зачувувањето на животната средина и да се градат нови функционални објекти.
– Кога зборуваме за изградба на големи проекти од типот на железници, гасовод, автопатишта, јасно е дека без да се интервенира во дел од природата, ништо не може да се изгради, но притоа треба да се внимава интервенцијата да биде минимална. Поради тоа е потребно претходно да се истражи просторот од сите аспекти, да се изработат студии што ќе покажат која траса е најоптимална, студијата ќе покаже што ќе се добие, а што ќе се изгуби со изградбата, притоа особено водејќи сметка за заштита на животната средина, природата, природното и културното наследство, но сепак треба да се имаат предвид и придобивките што ќе ги добие населението.

Во согласност со изработените студии се подготвува и просторниот план на Македонија, просторен план за регион и просторен план за подрачје од јавен интерес за републиката. Во овие планови се дадени трасите на капиталните проекти планирани во државата. Доколку истите тие не се предвидени, потребна е посветеност во изработка на проекти за инфраструктура, кои исто така мора да се базираат на претходни студии – вели Цветанка Маркушоска, дипломирана инженерка архитектка.
Маркушоска посочува дека кога се изработува генерален урбанистички план, истиот тој мора да има одредби, кои треба при понатамошна разработка со детален урбанистички план (ДУП), а сега со новиот закон за урбанистичко планирање и директно со урбанистички проекти за одредени простори, строго да се почитуваат.
– Овие одредби треба да бидат вградени и во ДУП, а потребни се и дополнителни одредби со кои ќе се штити просторот, особено просторот наменет за зеленило.

При изработка на ДУП, задолжително треба да се почитуваат и одредбите од законот за урбано зеленило, со кои треба да се задоволат одредени минимални стандарди за зеленило, кои се однесуваат на тоа дека одреден процент од градежната парцела треба да биде зелен. Во согласност со сегашниот закон за урбано зеленило треба секоја градежна парцела да има најмалку 20 проценти од површина исклучиво за зеленило. Доколку градежната парцела е претходно изградена, а е планирана доградба или надградба во неа и не може да го исполни условот за 20 проценти да биде зеленило, тогаш инвеститорот се задолжува преку одредби во деталниот урбанистички план за таа градежна парцела да компензира зеленило на фасада, покривни тераси, жардиниери и сл. Покрај зеленило во градежните парцели, во плановите се дефинира и јавното зеленилото, што укажува на фактот дека при планирањето се води сметка природата да биде поблиску до секој човек – објаснува архитектката Маркушоска.

Колку се почитуваат во Македонија урбанистичките правила и еколошките стандарди

Нашата соговорничка посочува дека „прашање е колку се почитуваат во Македонија предвидените одредби од плановите и од законите“. Тоа се покажува и на дело со низа примери од изградба на инфраструктурните капитални проекти. Маркушоска посочува еден едноставен пример за почитување на законските прописи во западните поразвиени земји, тргнувајќи од „сопствениот двор“ на секој поединец.
– На пример во САД, Германија и други поразвиени земји, ако некој не го почитува законот во однос на одржување на зеленилото во сопствениот дворот, му праќаат служба од општината, која проверува и ако дворот не е среден со зеленило во согласност со плановите и дозволите за градба, тогаш службите го прават тоа и му праќаат фактура на сопственикот на земјиштето. Ние сме далеку од такво нешто и затоа треба општините и Град Скопје да обрнуваат повеќе внимание при реализација на одредбите што се однесуваат на зеленилото. Ако некој сака да живее во куќа што има дворно место, тоа мора и да се одржува и зазеленува. Сметам дека една од причините за нереализација на овие одредби, лежи во недостигот од инспекциски служби – заклучува Маркушеска.

Најбитен е односот на планерот кон просторот

Архитектот Иван Арсовски истакнува дека рамнотежата меѓу концептот домување и животната средина може да се воспостaви преку урбанистичко планирање и додава дека токму тоа е идејата на урбанистичкото планирање, да се најде средина, рамнотежа или меѓусебен реципроцитет на планираните градби (домување, комерција, јавни институции и сл.) и квалитетна околна животна средина.
– Според моето досегашно искуство, најбитен е односот на планерот кон просторот. Колку и да ја регулирате оваа дисциплина (урбанистичко планирање) со закони и подзаконски акти (правилници), доколку планерот не воспостави добар однос кон просторот, не може истиот тој да го заштитите преку регулатива. Многу влијае професионализмот на планерот, кој треба да е етичен и систематичен. Треба да се види што има во еден простор, што е квалитетно во него, што треба да се задржи и потврди, а што не. Понатаму, како да се трасира постојната и идна улична мрежа, а со тоа и да се оформат идните парцели, пристап до зеленилото и јавниот простор. Добрата пристапност овозможува тие лесно да се користат, не да останат девастирани и неодржувани – вели архитектот урбанист, Иван Арсовски.
Според него, со новиот правилник се даваат опции за креирање квалитетен простор, бидејќи има многу опции како може да се планира јавниот простор вклучувајќи го и зеленилото во еден урбанистички план.

– Во ГУП-от е предвидено доволно зеленило за градот Скопје, но ретко кој планер го чита целосно планот. Во ГУП-от се дефинирани целите и проекциите за следните 15-20 години, како и плански решенија за изработка на деталните планови. Доколку целосно се применува ГУП-от, а не само номотетичкиот дел (одредбите), целите во ГУП се планирање на 25 квадратни метри зеленило по жител. Последниве години сведоци сме на формирање повеќе зелени скверови и мали паркови, кои секако се добредојдени. Тие се битни, бидејќи се паркови на ниво на населба, не мора да се огромни паркови (реонски или градски). Доколку во секоја населба има повеќе вакви паркови тоа ќе придонесе за создавање многу поквалитетен простор и поквалитетно урбано живеење – објаснува Арсовски.

Компромис меѓу економскиот интерес и заштитата на животната средина

Тој наедно дополнува дека во проектната документација за изградба на капиталните инфраструктурни проекти треба да се почитува регулативата од аспект на заштита на животната средина и природното наследство, но секако земајќи ја и како важен сегмент и социоекономската бенефиција од овој вид градби. Тој ги посочува неодамнешно актуелни примери, гасоводот и неговата траса на Водно, или планираната јужна обиколница на Водно, и истакнува дека при изработка на проектите за овие градби е потребно да се најде компромис меѓу економскиот интерес и заштитата на животната средина преку здрав однос меѓу институциите, невладините здруженија и граѓаните. Покрај тоа, како што додава, во планирањето има и други фактори што мора да се испочитуваат, како роковите, но и како што е безбедноста на пример.
– Јужната обиколница на Водно не е само сообраќајница, таа претставува безбедносна инфраструктура на градот. Затоа треба да се гледа сеопфатно секој сегмент при планирањето, почнувајќи од безбедноста, комуникацијата и врските, за евакуација на жителите од околните населби, како и евакуација на персонал и корисници на важни државни и јавни институции што гравитираат кон нејзината траса во случај на можни природни непогоди или воени дејства.

Притоа ако истата таа некогаш се реализира не значи дека околу неа мора да се градат објекти, односно може со изработката на новиот генерален урбанистички план да се испланираат намени што не дозволуваат градби. Проблем кај нас е што не се надоместува зеленилото што се отстранува, а потребно е да има реципроцитет. Битно е да се знае колку зеленило би се уништило со изведба на некоја важна инфраструктура и истото тоа да се дополни, да се обнови во непосредна околина или на друго место, и тоа неколкукратно. Се надевам дека доаѓа време кога при изработка на урбанистичките планови и проектите многу битен аспект ќе бидат квалитетот и што поголема инклузивност, односно вклученост на јавноста при нивното донесување. Со тоа ќе нема застој во реализацијата на плановите и проектите, а сѐ со намера за побрз економски развој преку поквалитетен простор и здрава животна средина – заклучува Арсовски.