Управување со квалитетот на животната средина

Управувањето со квалитетот на животната средина е непосредно зависно од нејзината заштита. Настојувањето управувањето да се унифицира во светски рамки најде одраз во разработката и ширењето на серијата стандарди ИСО-14000. Приклучувањето на Македонија кон светската економија, која е нераскинлива со екологијата, бара неодложно приспособување на стандардите за управување со квалитетот на животната средина напоредно со серијата стандарди за управување на квалитетот од серијата ИСО-9000. Заедничкото на тие два стандарда е дека имаат слична структура, претставуваат одреден инструмент за управување на квалитетот, во случајот на производи и животната средина, постои идентичност на формулацијата во двата стандарда. Но покрај таа подобност, двата стандарда се применуваат одделно во зависност од тоа дали предмет на истражувањето се производи или животната средина.

Многу важен момент за успешна примена на системот на управување на животната средина, содржан во меѓународните стандарди ИСО-14000, е изработка на програма. Во неа се истакнуваат целите и задачите што треба да се постигнат како и роковите и одговорност на нивно извршување. Програмата опфаќа: планирање, проектирање, користење на суровините, материјалите, производствените процеси и др.
За олеснување на практичните работи кај примената на меѓународните стандарди од групата ИСО-14000 за управување на животната средина, треба да се обрне внимание на следните поважни моменти: да се направи комплетна анализа на производствената дејност на претпријатието; да се проверат изворите на документација за животната средина; одговорноста да ја преземат највисоките раководни органи и преостанатите службеници, а секој да ја знае својата одговорност; се мери микроклимата во работните простории; се утврдуваат показателите за состојбата на воздухот, на почвата и водата – нивниот степен на загаденост и слично; заштита од пожар на суровините и магацините; управувањето на ризиците – составување план за заштита во случај на хаварии; спроведување обука во врска со управувањето на животната средина.

Заедничката примена на системите за управување со квалитетот на производството и на животната средина во еден интегриран систем е нејцелисходно, бидејќи се намалуваат трошоците и управувањето е поефективно. Сличен систем за тотално управување на квалитетот се применува во Јапонија.
Глобалниот карактер на еколошката криза произлегува од тоа што природните процеси не се потчинуваат на географски граници. Во принцип, тие имаат глобален радиус на влијание и дејствување. Проблемите што се појавуваат пред човештвото кон крајот на дваесеттиот век, заедно со екологијата, имаат глобален карактер, односно ги погодуваат интересите на целото светско општество. Глобалниот карактер на еколошки проблем се изразува уште и во зголемената зависност помеѓу екологијата и економијата. Тие скоро да се прелеваат и заемно многу силно се одразуваат на локално, регионално и глобално ниво. Со сегашниот интензивен светски развој, ниедна земја, колку и да е голема, не е во состојба целосно и успешно да ги реши прашањата за заштита на животната средина, да води успешна борба со негативните последици од антропогеното влијание врз природата, да ја чува атмосферата од глобален аспект, да ги чува и одржува чисти реките, морското крајбрежје итн. Тоа е уште поважно за малите земји како Македонија.

Демографската експлозија на населението и проблемите во врска со тоа го менуваат заемниот однос помеѓу човекот и природата. Настана безобѕирна експлоатација и несоодветен однос кон природата како животна средина и потребен природен потенцијал за развој и опстанок на општеството. Како последица на тоа се појави и современата еколошка криза. Со воведувањето еколошки ограничувања на хемизацијата, наводнувањето, механизацијата и друго, обемот на производството требаше да се задржи. Но кога таа тенденција уште не е факт, населението во земјите во развој (кое е две третини од светското население) е неисхрането и гладува. Како резултат на тоа, има намалена издржливост кон болести и намалена работоспособност. Во тие земји годишно умираат по околу 25 милиони души, а половината од нив се деца.
Со забрзано темпо, непознато во досегашниот развој на природата, исчезнуваат многу животински и растителни видови. Глобалниот општочовечки карактер на непрекинато ширење на еколошката криза наложува да се бараат заеднички патишта за обединување на напорите на човештвото за нејзино надминување. Во центарот на дилемата „развој или деградација“ на планетата е човечкиот разум. Разумот веќе создаде голем број научни решенија за спас на планетата.

Искуството во развиените земји се состои во производство на еколошки (органски) производи во специјализирани биолошки (органски) фарми или во обичните фарми каде што фармерите се условени ограничено да користат минерални ѓубрива и растителни заштитни препарати, каде што е ограничено држењето на број на грла и слично. Воведени се и строги барања во однос на складирањето на арското ѓубре, фиксирани се стриктно периодите на време во годината кога е дозволена неговата примена. Со помош на научни истражувања, определени се точно количински прагови на штети од плевели и штетници и само во крајни случаи се применуваат третирања со хемиски препарати.
За борба со болестите на растенијата се применуваат соодветни плодореди и се создаваат сорти отпорни на болести и штетници. Во развиените земји одамна се користат биолошки методи како инструмент за борба со штетниците на културите. Тие методи се насочени кон создавање таква средина во која штетниците не можат масовно да се размножуваат.
Заштитата на природната средина мора да се остварува со таканаречениот систем за одржлив развој, што претставува потреба да се заштити природата за идните генерации. Одржлив земјоделски систем е тој што е еколошки соодветен, високопродуктивен, економски ефектен и ги стимулира социјалните вредности за земјоделците. Во практиката тоа значи дека таму каде што природната средина е загрозена, неопходно е да се води активна заштитна дејност. Таа заштита е елемент од заштитата на животната средина, што има глобален карактер и потреба од глобални трошоци.