Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и владин економски тим се сретнаа со претставници од угостителската и туристичката дејност и лица од компании кои се занимаваат со превоз на патници, кои трпат најголеми штети од пандемијата предизвикана од коронавирусот.

На состанокот, претставниците на компаниите доставиле барање за продолжување на владината поддршка и во наредниот период, а се разговарало за справувањето со економската криза предизвикана од ковид-19, за предизвиците во работењето на хотелите, рестораните и туристичките агенции во наредниот период, како и за потребата од носење на нови мерки.

– На средбата беше истакнато дека голем број фирми од туристички и угостителски дејност ги имаат искористено бескаматните кредити од Развојната банка, како и финансиската поддршка за исплата на плати. Исто така угостителите истакнаа дека со носењето на протоколите од Владата очекуваат зголемување на посетеноста, од граѓаните, посебно од оние кои ќе ги користат платежните картички – соопштија од Кабинетот на Царовска.