Во структурата на увозот на храна најголем удел имаат месото, житото, овошјето и зеленчукот и млечните продукти / Фото: Игор Бансколиев

Од година на година расте зависноста на Македонија од увезена храна и живи животни што, според упатените, е резултат на природните ограничувања на домашното земјоделство, но и на незаинтересираноста на државата за него

Во првите шест месеци од годинава во земјава е увезена храна во вредност од над 331 милион евра, при што Државниот завод за статистика регистрира раст од 4,9 отсто во споредба со истиот период лани. Од извештаите на ДЗС може да се забележи дека од година на година расте зависноста на Македонија од увезена храна и живи животни. Во 2019 година за увоз на храна биле потрошени над 670 милиони евра, при што бил регистриран раст од 6,9 проценти, бидејќи во 2018 година за увезена храна биле потрошени 628 милиони евра.
Дополнително, ако ги погледнеме податоци неколку години поназад, ќе забележиме дека во 2014 г. увозот на храна изнесувал над 517 милиони евра, а во 2015 г. тој достигнал 551 милион евра. Веќе во 2016 година сумата потрошена за увоз на храна во земјава достигнала 554 милиони евра, а во 2017 година 605 милиони евра.
Во согласност со податоците што ги објавува Државниот завод за статистика, раст се забележува и кај извозот на храна. Така, на пример, само во првите шест месеци од 2020 година биле извезени продукти во вредност од 164 милиони евра.

Во текот на 2019 година извозот на храна достигнал вредност од 367 милиони евра, додека, пак, во 2018 г. била извезена храна во вредност од 319 милиони евра. Сепак, вредноста на увезената храна е поголема отколку на извезената, поради што дефицитот во трговијата со храна од година на година постојано се зголемува.
Упатените коментираат дека во согласност со протоколите за трговска соработка сосема е очекувано во нашата земја да има слободен увоз на храна.
– Една од причините за континуираниот раст на увозот на храна е либерализацијата на пазарот. Македонија како членка на Светската трговска организација има потпишано договор за слободна трговија без царински давачки и други бариери. Исто така, членка сме на ЦЕФТА, а имаме повеќе билатерални договори за слободна трговија, со што се овозможува слободен увоз на храна.

Од друга страна, и карактерот на домашното земјоделското производство оневозможува да се произведува сѐ што бара пазарот, па нормално е производите што не може да се произведат во нашите климатско-географски услови да доаѓаат од увоз. Но во растот на увозот на храна имаат улога и преференциите на потрошувачите, нивните потрошувачки барања – објаснуваат упатените.
Поради ограничувачките природни фактори, македонското земјоделство и во минатото не можело да произведе доволни количества храна за задоволување на домашната побарувачка, па потребата од поединечни производи се задоволувала со увоз, како што се потребите за пченица, месо и млеко.
Во последните години состојбите со домашното производство дополнително се влошуваат, од една страна поради климатските промени и натамошното намалување на приносите и производството, но од друга страна и поради фактот што има сѐ помалку земјоделци и се намалува интересот за обработка на земја или за чување стока.

Земјоделците, пак, истакнуваат дека увозот на храна расте бидејќи немаме соодветна стратегија за заштита на домашното производство. Претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров, го уважува тоа што во државата, која е членка на СТО и на ЦЕФТА, може да увезува кој сака, но истакнува дека нештата можат и да се уредат.
– Сите производи потребни за една трпеза, освен лебот, ги произведуваме доволно. И пченица можеме да произведеме колку што ни треба, ако имаме добра политика. Проблем се откупот и договарањето на цените, зашто при откупот за сите производи се игра со цената прекуноќ – истакнува Тантаров и додава дека во неговото село пред дваесетина години имало две илјади грла овци, а сега ги нема воопшто, а во исто време значително се намалил и бројот на крави што, според него, доволно кажува за намалувањето на домашното производство на храна.

Од друга страна, голем број од производителите во развиените држави имаат значителна конкурентна предност во однос на нашите производители. Благодарение на напредната технологија имаат можност да произведат поголеми количества по пониски цени, но и да промовираат нови производи со повисок степен на додадена вредност, а сето тоа придонесува кон зголемување на вредноста на увозот на храна.
Анализите покажуваат дека во структурата на увозот на храна најголем удел имаат месото, житото, овошјето и зеленчукот и млечните продукти, додека, пак, во извозот свежото овошје и зеленчукот.