Фото: Фејсбук

Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари истакна дека нема решение за проблемот со тутунот по денешната средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, додавајќи дека тутунарите и натаму не се согласуваат дека тутунот само треба да се предаде, бидејќи е многу важно по која цена ќе се откупи. Мирчевски додаде и дека нема да има нови протести.

Во соопштението испратено од владата се наведува дека повторно биле разгледани можностите за излегување во пресрет на барањата на тутунарите. Била изразена и волја за вложување на максимални напори за достигнување просечна цена од 180 денари и преземање мерки за тоа да се оствари. За два месеца откупени се пет милиони килограми од вкупно планираните 25 милиони килограми тутун. Просечната цена е околу 150 денари.

Тутунарите протестираа пред Владата пред средбата со Хоџа. Тие запалија и одредено количество на тутун во знак на револт.

Пред новогодишните празници тутунарите имаа средба со премиерот Зоран Заев на која присуствуваше и Хоџа, а тие остварија и неколку заеднички средби со откупувачите. Министерот Хоџа на 28 декември објави дека просечната цена е 167 денари за килограм, а излезе и со предлог да се укине четвртата класа тутун, но потоа ретерираше.