Турската компанија ЕМРЕ наскоро ќе почне со градба на две сончеви електрани на парцелата во Порече, што ја купи пред три години, потврди менаџментот од оваа компанија, при последната посета на локалитетот каде ќе никнат новите централи во близина селото Инче.

-Имаме навистина многу причини за задоволство, бидејќи долго најавуваните фитоволтаични централи во нашата општина конечно ќе почнат да се градат. Токму тоа беше причината за посетата на менаџментот на турската компанија на локацијата кај селото Инче. Беше договорена динамиката на работите, а ние како општина го исполнивме главниот предуслов, да изградиме пат во должина од 2,3 километри кој е крак од патот за село Калуѓерец и завршува на парцелата на идните електрани, кои ќе бидат со јачина од по еден мегават. За оваа потреба турската компанија купи 40000 метри квадратни земјиште, за што плати околу 100000 евра. Значајно е и тоа што во новите централи ќе има и 7-8 вработувања на невработени лица, што не е неважно за нашата општина –истакна бродскиот градоначалник Живко Силјаноски.

Од страна на првиот човек на општината беше речено, дека на овој локалитет ќе има уште четири нови фотоволтаични централи, за што ќе бидат наменети нови 400000 метри квадратни земјиште.

Според мерењата извршени од Брисел, овој регион има најмногу сончеви денови во годината и е најдобра локација за изградба на вакви капацитети во земјава.

Турската компанија земјиштето го плати по 165 денари за квадрат, средства, од кои 80 проценти се слееја во општинската каса, додека 20 проценти легнаа во државната каса.

З.А.