Агенцијата „Стандард енд Пурс“ го намали кредитниот рејтинг на Турција на „Б плус“ наведувајќи дека падот на вредноста на лирата ќе доведе до послаба економија следната година.

– Значителното намалување на лирата има негативни фискални димензии и во исто време врши притисок врз корпоративните биланси и притисокот врз домашните банки станува се поголем, се наведува во соопштението на „Стандард енд Пурс“.

Агенцијата прогнозира дека Турција следната година ќе влезе во рецесија.

– Во следните четири месеци инфлацијата ќе достигне до 22 проценти, а во средината на 2019 година ќе се намали до под 20 отсто – посочува агенцијата за кредитен рејтинг, додавајќи дека реакцијата на турската Влада е „ограничена“.

И агенцијата „Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на Турција на „Ба три“, истакнувајќи дека условите можат да предизвикаат инфлација.

– Главен двигател на падот е континуираното слабеење на јавните институции во Турција, како и намалувањето на предвидливоста во креирањето на турската политика – истакнува „Мудис“.

Агенцијата изразува загриженост поради независноста на Централната банка на Турција, која не ги зголеми каматните проценти, како и поради недостиг на транспарентност на плановите на Анкара за справување со неодамнешните финансиски потреси.

– Тоа најверојатно ќе доведе до поголема инфлација и ќе го зголеми ризикот за платежниот биланс – потенцира „Мудис“.