Секторот туризам е еден од најпогодените сектори во периодот на пандемијата, за нашите државјани се затворени границите речиси на сите европските држави, а поради рестриктивните мерки на движење во другите држави, нема ниту странски туристи. Дополнително и капацитетите на објектите од овој сектор беа под извесни рестриктивни мерки, не можејќи и да сакаат да ја извршуваат својата дејност. Големиот број заболени граѓани, немањето вакцини и намалената платежна моќ на граѓаните ги ставаат туризмот и патувањето како последна точка на интерес. Приходот во изминатите 13 месеци е со паднати од 85 до 100 проценти, додека нашите трошоци сѐ уште се акумулираат, истакнуваат од Туристичко-угостителската комора.
– Повеќе од една година ситуацијата со коронавирусот континуирано е лоша, без изгледи за нејзина стабилизација. Проблемот со кој се соочуваат туристичките агенции е континуиран и се однесува на немањето можност за работа, плаќање режиски трошоци и трошоци за плати, без да се остваруваат никакви приходи. Поради тоа што сме дел од економијата на нашата земја, во која придонесуваме и сме дисциплинирани во плаќање даноци и такси во нормални услови на живот и работа, инсистираме да ни се помогне да опстанеме во овој тежок период за нас и да не се дозволи секторот туризам да се уништи и да згасне – изјави Ана Марија Алексова од Комората.

Таа истакна дека ситуацијата е толку неизвесна, што поради состојбите со коронавирусот во светот секојдневно се менуваат условите за влез и излез, што оневозможува да се планираат туристички патувања и оваа година.
– Бараме неповратна финансиска помош за секоја лиценцирана туристичка агенција, за опстанок и ликвидност на компаниите за 2021 година, а ваучерите што ќе се доделуваат од Владата за кампањата „Дома си е дома“ задолжително да се користат преку туристичките агенции – истакна Алексова.
Туристичките агенции бараат да се продолжи рокот на ваучерите што се издадени за нереализираните патувања во 2020 година, наместо до 31.12.2021, до крајот на 2022 година, бидејќи состојбите сѐ уште се неизвесни и не се знае дали и кога ќе се стабилизира ситуацијата и дали ќе може да се реализираат ваучерите.
– Барањата за поддршка на секторот туризам се реални и засновани на големите штети што ги имаме, за што во овој момент ни е потребна помошта за опстанок, за да не се соочиме со колапс. Барања за помош досега неколкупати се доставувани до надлежните институции, па затоа од вторник, 20 април, ќе се приклучиме на протестот на угостителите и ќе останеме пред институциите, сѐ до моментот додека нашите барања не бидат во целост прифатени – најави Алексова. . . Е.Р.