Туристичката понуда на Република Македонија и на Охрид е претставена на големиот Меѓународен саем за туризам „Ист Медитераниан Интернешенал Туризам анд Травел Егзебишн -ЕМИТТ“ што од денеска до 3 февраури се одржува во Истанбул.

Македонскиот штанд во рамки на саемот денеска на отварањето го посетија и министерот за култура и туризам на Турција, Мехмет Ерсој заедно со амбасадорот на Македонија во Турција, Звонко Муцунски.

Имено, самиот саем во Истанбул важи за една од најголемите манифестации од тој вид во овој дел од светот, со учество на повеќе од 1.100 изложувачи од 85 земји. Проекциите на организаторите се дека оваа година саемот ќе го посетат повеќе од 57 илјади посетители.

Саемот претставува добра можност за воспоставување нови врски и партнерства меѓу субјектите од турстичкиот сектор, како и воспоставување нова соработка, развој на веќе постоечки деловни односи, стартување и промоција на нови производи и услуги, размена на информации со домашни и меѓународни туристички експерти.