Туризмот е развојна шанса за руралните подрачја, при што треба да се избегне протокот на урбаниот и масовниот туризам во тој простор, истакнуваат експертите на Светскиот ден на туризмот што се одбележа вчера.
Светската туристичка организација УНВТО ја одреди годинашната тема, „Туризам и рурален развој“, пред пандемијата. Побарувачката за туристички услуги во руралните подрачја оваа година е поизразена отколку во градовите и големите дестинации.
Причините во поголем дел се здравствени, бидејќи поради грижата за здравјето и придржувањето кон епидемиолошките мерки, како физичката дистанца, луѓето се свртеа кон поблиските дестинации повеќе ориентирани во природата, без големи сместувачки капацитети и масовност.

За земјите од регионот, меѓу кои и Македонија, заедничко е дека руралните подрачја чинат околу 90 отсто од вкупниот простор, кој во најголем дел е запуштен и неискористен, а во поново време и целосно иселен, поради што од друга страна, според експертите, токму таму се крие голем развоен потенцијал поради автентични природни, традициски, историски и културни вредности.
Руралните области се зафатени со слабеење на земјоделството, напуштање на селата и семејните имоти, особено од страна на младите поради недостиг од егзистенцијални можности, кои, токму според оцената на туристичките стручњаци, може да им ги даде развојот на туризмот и да ги мотивира на враќање во селата.

Процените се дека ковид-19 на некој начин помогна во побарувачката, а она што сега треба да го направат туристичките работници е за следната година да подготват подобра промоција на руралната понуда, но и државата да помогне во понатамошен развој на руралните подрачја и туризмот во овие области, а пари можат да се обезбедат и од ЕУ-фондовите.
Она на што постојано повикува Светската туристичка организација е да не се дозволи туристичката активност да има големо влијание врз околината и природата, бидејќи во спротивно ја губи сета смисла.