Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, соопшти дека е утврдена болеста трихинелоза кај дивите свињи на територијата речиси на цела Македонија. Како што истакна Атанасов, има податоци дека трихинелоза не е присутна само во Македонија туку ја има и во регионот. Директорот апелира граѓаните да не бидат загрижени, зашто месото во продавниците е безбедно.

– АХВ утврди присуство на трихинелоза во Радовиш, Кривопаланечко, Валандово, Битола и во Струмичко. Во двете ловни сезони 2017 и 2018, како и во оваа сезона 2018-2019, лабораториски се испитани 594 примероци од диви свињи, од кои 13 се позитивни – појасни директорот.

Според него, трихинелозата е паразитско заразно заболување што може да се пренесе од животните на луѓето поради што, ако се забележи кај животните, треба задолжително да се пријави.

Најчеста причина за појава на болеста кај луѓето е консумирање сурово или недоволно термички обработено месо или месни производи од домашни свињи, коњи, дивеч, мечки што се заразени со ларвите на трихинелоза.

– Апелираме одгледувачите на свињи за домашна употреба да ги колат грлата во одобрени кланици, каде што ќе се изврши преглед на месото. Ако колењето не се врши во одобрен објект, се препорачува од трупот да се земат мостри и да се достават до најблиската овластена лабораторија. Ги повикуваме одгледувачите на свињи да спречат изложеност на домашните свињи на глодачи и дивеч, а угинатите животни веднаш да се отстранат од одгледувалиштето – нагласи Атанасов.

Пренесувањето на болеста може да продолжи и по угинувањето, зашто ларвите се способни да преживеат во труповите подолго време, што е потенцијален ризик за животните што се хранат со мрши. Некои видови трихинелоза формираат капсули со ларви во мускулите, кои може да останат активни со години.
Во Македонија трихинелоза последен пат е утврдена во 2008 година.
Не е детектирана во претходните ловни сезони од 2013 до 2017 година. Е.Р.