По повод одлуката на основниот Кривичен суд за замрзнување на имотот на Трифун Костовски и отфрлање на неговата жалба во случајот со „Еуростандард“ како недозволена, бизнисменот се огласи со писмо во кое објавува граѓанска непослушност.

Судот пред еден месец му ги замрзна целиот имот и личните сметки на Костовски, на барање на Јавното обвинителство, кое спроведува предистражна постапка околу пропаѓањето на банката, во која бизнисменот беше еден од сопствениците.

– Се работи за повеќе од 100 милиони евра – маса во која се наоѓаат парите на коминтентите на Еуростандард банка и парите кои ние како акционери ги инвестиравме во банката – изјави Костовски на крајот на ноември, по првичната одлука на судот, која бизнисменот неуспешно ја обжали.

Блокадата е на барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а судот ги замрзна сите хартии од вредност, сметки и недвижен имот на име на Костовски и на членови на неговото најтесно семејство.

Во продолжение, целосното обраќање на Костовски:

– Почитувани мои сограѓани. Од денес ја објавувам мојата граѓанска непослушност кон сите институции во Република Македонија, бидејќи постапките кои системот ги прави против мене и моето семејство ги надминуваат сите граници.

Можеби сум и единствениот Македонец кој сите спечалени пари надвор во белиот свет сум ги донел во земјава и за жал изгубил од луѓе кои се занимаваат со матни зделки, а се блиски до политичките структури.

На мојата жалба до основниот Кривичен Суд Скопје, по основ на замрзнување на мојот приватен имот, добив решение во коешто со големи букви е напишано ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕДОЗВОЛЕНА. Што е дозволено во нашава држава? Јас, кој сиот имот го имам стекнато со пари спечалени вон Македонија, денеска истиот ми е замрзнат, и судот ми велат дека МОЈАТА ЖАЛБА Е НЕДОЗВОЛЕНА, а додека политичари коишто недвосмислено во изминатите години говореа дека стекнале богатство колку еден успешен бизнисмен, … ама пазете од политиката!! таквите луѓе се високо почитувани во нашето денешно секојдневие.

Стојам исправено и гордо и отворено им порачувам на сите институции дека можете да ми земете се од мене, ама не можете да ми го земете достоинството и мојот непокор. Ако мислите да ме влечкате по судските лавиринти, по основ на моето неприкосновено право, јас потврдувам дека тоа нема да го дозволам со мојата граѓанска непослушност. Судството кое е контролирано од извршната власт е само продолжена рака на организираниот криминал. Во последната колумна пишував за голготата на нас Македонците. Зарем не е срамно својата лична голгота да ја доживеам во својата веќе слободна Македонија, креирана од моите Македонци. ЖАЛНО – пишува бизнисменот.