Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сопственикот на пропадната Еуростандард банка, Трифун Костовски, го повикува Јавното обвиителство да даде предност на истрагата што е поведена и таа да заврши, во повикот до јавниот обвинител кој е испратен и до медиумите.

– Вашето Обвинителство покрена постапка против мене Трифун Костовски со која ми го замрзнавте имотот, поведувајќи истражна постапка против мене и мојот син Коста Костовски за стечајот на Еуростандард банка. Бидете убедени обвинението врз кое ја темелите истражната постапка е нереално и нема никакви допирни точки со вистинското работење на Еуростандард банка и ние како нејзини акционери – посочува Костовски.

Тој бара и ослободување на неговиот имот за да може, како што вели, да ја води неговата војна за вистината.

Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција покрена истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Предизвикување стечај на банка по член 181 ст.1 од Законот за банки и продолжено кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 ст. 6 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

На Еуростандард банка и беше одземена дозволата за работа во август минатата година.