Фото: Маја Јаневска-Илиева

Економски односи од кои политичарите бегаат како ѓавол од крст

Глобалната пандемија на коронавирусот длабоко ја погодува и се одразува и врз економијата на секоја од државите поединечно.
Во моменти кога практично секаде во светот сериозно се навестуваат можни последици врз економските текови, стравувања од негативни стапки на економскиот раст и можност за губење на работните места, стручната јавност во земјата постојано е во потрага по решенија за тоа како да се надминат овие турбуленции.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, вели дека во изминативе 30 години во Македонија има три диспаритети што воопшто не се чепнати и никој не сака да ги решава.

Според Азески, тоа се прашањата на односот меѓу капиталот и трудот, односно работниците не се задоволни од газдите, а газдите не се задоволни од работниците, потоа односот меѓу издржуваното и работоспособното население, кое, за чудо, е во баланс во оваа држава, со помош на трансферите што ги добиваме од странство и странските инвестиции, а третиот диспаритет е прашањето за континуитетот и справувањето на правните договори на правните лица при промена на власта.
– Тие се тие три прашања за кои мора да се седне заедно и да се разговара, за да можеме да ги решаваме сите други прашања – вели претседателот на Стопанската комора.

Азески истакнува дека натаму сите други прашања што потоа ќе следуваат за решавање се немањето попис 20 години, немањето децентрализација 30 години, немањето адекватен изборен модел, кој правично ќе го репродуцира парламентот што ќе може да се соочи со проблемите со кои впрочем треба да се соочи, а тоа е нефункционирање на владиниот сектор, нефункционирање на медиумите, нефункционирање на контролните механизми на власта, или, накратко, сите тие прашања влечат корен од овие состојби.

– Ние треба да седнеме и со консензус да најдеме решение, односно сето мора да го направат политичките лидери, да седнат и да ги решат овие отворени прашања. Ние имавме еден интересен случај, во кој во практика добиваме сигнали на кои цело време инсистираме дека нема да се мешаме во политиката и ќе седиме настрана, заради тоа што ги почитуваме надлежностите за кои сме поставени – вели Азески.
Тој посочува пример дека на гости во Комората го имале поранешниот гувернер на Народната банка на Полска, кој бил и претседател на владата и министер за финансии, кој целото свое гостување во Македонија го составил во говор од 45 минути за владеењето на правото, и подвлекол пред македонските бизнисмени дека без владеење на правото, нема да се оствари ниту еден процент раст на економијата во земјата и советувал дека ако не се расчистат есенцијалните прашања, нема да има напредок на државата.

Говорејќи во името на Стопанската комора, Азевски порача дека бизнисмените не сакаат да се мешаат во начинот на кој дејствува државата, но мора да укажат дека состојбите со правната држава, нерегулирањето на крупните и темелни принципи, имаат последици врз нивната работа, профитабилноста, стандардот на граѓаните и врз инвестициите.
– Мора да сме заинтересирани сите да тргнеме од некаде и да ги решаваме работите, да ја видиме целта и да ги видиме луѓето со кои ќе го направиме тоа и, нормално, дали имаме финансиски средства да го изведеме сето тоа. Токму тоа треба да им го покажеме на луѓето во овие моменти, односно да им се покажат тие три елементи – резимира Азески.

Аналитичарот Синиша Пекевски вели дека реакциите на овие темелни прашања на бизнис-секторот и економските комори се оправдани и издржани, бидејќи е факт дека од независноста досега политичарите избегнуваат да решаваат одредени клучни прашања, затоа што резултатите од нив се добиваат единствено на долг рок.
– Домашните политички елити од сите партии се во трка за политички поени и за краткорочни бенефиции. Тоа е така бидејќи изборите во земјава се добиваат на овој начин, а сето тоа може да е на штета на економијата и прогресот на државата – вели Пекевски.

Тој советува дека колку поскоро ги решиме загатките на есенцијалните проблеми толку побрзо ќе имаме богати компании, кои ќе продуцираат поголеми плати, а сето тоа ем ќе го полни буџетот, ем ќе го подигне стандардот, ем ќе ја направи Македонија стабилна економска сила.

Аналитичарот мисли дека само со широк консензус, воден од политичките елити и во тесна врска со бизнис-заедницата и академската фела, можеме да ги решиме проблемите од кои се бега со децении како ѓавол од крст и на крајот, кога ќе заврши пандемијата, да излеземе како победници во овие тешки времиња.
Универзитетскиот професор Живко Атанасовски смета дека сите овие години од независноста досега се чини дека политичарите се незаинтересирани за економијата, односно тие, без разлика на провениенцијата од која доаѓаат, се способни да го урнат дури и даночниот систем на земјата, само за да заработат политички поени и да им угодат моментално на гласачите, притоа не размислувајќи долгорочно за последиците кон бизнисот, економијата и државата.

Професорот вели дека е евидентно дека недостига волја за решавање на круцијалните прашања на кои се темели државата и додава дека ако сакаме функционално решение, тогаш тоа треба да биде извршено преку сет на политики што нема да дозволува различни партии што ќе дојдат на власт, без оправданост за своите дејствувања, често и без одредени оправдувања да ги видоизменуваат економските врски и на тој начин да ѝ се нанесува штета на економијата
Атанасовски советува дека ловот по гласови и добивање избори не се врши со чести интервенции, кои не се докрај размислени, туку со формирање солидна економска програма, која ја подобрува онаа на претходната влада од истата или од различна политичка партија.

[email protected]