Предмет на социјалниот дијалог се прашања од интерес за вработените, нивните синдикати и работодавците, односно стратегијата и политиката на вработувањето, економската и социјалната политика, предлози на закони од областа на работното и на социјалното законодавство, политиката на плати и колективното договарање

За да има забрзан и одржлив економски раст потребно е водење социјален дијалог и создавање услови за економска и за социјална стабилност и остварување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Мошне важно во градењето ваква значајна стратегија е да се вклучат сите засегнати страни, а не само Владата и приватниот сектор, туку и МАНУ, универзитетите, синдикатите, бидејќи економијата има одраз врз целокупниот развој на земјата.
Владата на Република Македонија истакна дека спроведува социоекономски дијалог и ги почитува работниците, синдикатите и работодавците како важен предуслов за економски раст и развој на државата.

– Значајно прашање што треба да има соодветно место во Стратегијата за забрзан и одржлив економски раст е и успешното функционирање на трипартитниот дијалог, кој мора да се подигне на највисоко ниво доколку сакаме да ги постигнеме целите што ги поставуваме пред нас. Дејноста на Економско-социјалниот совет се темели на потребата од тристрана соработка меѓу Владата, синдикатите и здруженијата на работодавците, во решавањето на економските и социјалните прашања и проблеми – споменува Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија.
Притоа, како што вели тој, треба да се нагласи дека во трипартитниот дијалог директно треба да учествува Владата, како една од страните, наместо дијалогот на биде симнат на пониско ниво, односно на ниво на Министерството за труд и социјална политика, како што често се случуваше во досегашната практика на функционирање на трипартитниот дијалог во државава.

– Не помалку значајна е и улогата на синдикатите и на работодавците, кои во овој период покажаа послаба институционална моќ од државата и на тоа, исто така, треба да се работи многу упорно во наредниот период – смета Азески.
Социјалниот дијалог во развиените земји се користи како алатка за ефикасен и незаменлив начин за разгледување и решавање на повеќето прашања на кои наидува бизнис-заедницата во контактите со Владата и со другите државни органи, како и со синдикатите и со граѓанското општество.
– Основната цел на социјалниот дијалог е промовирање и постигнување консензус со демократско вклучување на партнерите во социјалниот дијалог, заради усогласување на посебните и општите интереси, решавање значајни економски и социјални прашања, јакнење на социјалниот мир и стабилност, како претпоставка за економски раст и напредок. Предмет на социјалниот дијалог се прашања од интерес за вработените, нивните синдикати и работодавците, односно стратегијата и политиката на вработувањето, економската и социјалната политика, предлози на закони од областа на работното и социјалното законодавство, политиката на плати и колективното договарање и сите други прашања од заеднички интерес – објаснува Азески.

Според него, во наредниот период, земјата треба целосно да ги искористи механизмите за мирно решавање работни спорови и да ја подобри ефикасноста на бипартитниот и на трипартитниот социјален дијалог.
– Се констатира извесно зајакнување на капацитетот на Економско-социјалниот совет, но сѐ уште преовладува општа недоверба во социјалниот дијалог, како кај работодавците, така и кај вработените и се дава препорака да се зајакне капацитетот на социјалните партнери. Според оцената на Европската комисија, улогата на социјалните партнери во процесите за носење политики и понатаму е ограничена – додава Азески.
Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија, вели дека задачата на ССМ како социјален партнер на државата е да ја следи имплементацијата на законите од работноправната област и врз основа на детектираните слабости да предлага нови решенија и законски измени.
– Не секогаш успеваме во преговорите со социјалните партнери да ги оствариме сите наши барања, но нашите активности за промовирање предлози за законски измени и решенија се континуирани, а за одредени законски решенија, ССМ поведува постапка пред Уставниот суд за оцена на регулативата – нагласува Димовски.
Тој додава дека во наредниот период ќе се залага социјалните партнери по пат на социјален дијалог да усвојат стратегија за зголемување на платите (вклучувајќи ја и минималната), која треба да ги содржи и разработи основните принципи за пораст на платите.

– Стратегијата за плати треба да предвидува и да промовира поголемо зголемување пред сѐ на најниските плати, како и соодветно и економски оправдано усогласување на постојните големи разлики во висината на платите во одделни сектори во стопанството. Треба да се утврдат и принципи и критериуми што ќе обезбедат еднаква плата за работа со еднаква вредност, намалување на јазот во платите помеѓу мажите и жените и исклучување на секаков облик на дискриминација и нееднаквост кога станува збор за остварување на правото на плата – појаснува Димовски.
Со помошта на коморите, на синдикатите и на другите организации на работодавци, би требало да се дефинираат клучните политики за вработување, плати, социјален мир и стабилност, кои треба да бидат и еден од елементите во стратегијата за забрзан и за одржлив економски раст.