За поврат од ДДВ од 600 денари месечно, едно лице треба да оствари промет од 26.600 денари, доколку сите сметки се со 18 проценти ДДВ, информираа од Управата за јавни приходи на денешниот брифинг со новинарите.

– Првата исплата на парите од ДДВ граѓаните може да ја очекуваат во декември – за месеците јули, август и септември. Исплатата ќе се врши квартално и едно лице може да поврати максимум 1.800 денари за три месеци – информираат од УЈП.

Како што рече директората Сања Лукаревска, во првите пет дена најголеми проблеми граѓаните имале со скенирање на сметките од големите маркети, но како што посочи таа, проблемот не бил до УЈП, туку до амортизацијата на фискалните апарати.

– Се жалеа граѓаните дека баркодот не е видлив и системот не може да го прочита, па откривме дека е до фискалните апарати кои навремено треба да се сервисираат. Затоа упатуваме јавен апел сите ДДВ-обврзници да имаат исправни фискални апарати, но граѓаните не треба да се нервираат ако не може да ја скенираат сметката преку мобилен телефон, тоа ќе може да го направат на киосците со барчитачи. Ако и таму не можно, службеник од УЈП ќе му помогне и рачно ќе го внесе баркодот – вели Лукаревска.

Како што информираше таа, од 1 јули до сега симнати се 57.973 апликации за мобилен телефпн, при што се скенирани 433.204 сметки. Притоа граѓаните оствариле промет од над 240 милиони денари, од кои кон граѓаните ќе се вратат 7 милиони денари или 120 илјади евра.

Од УЈП информират дека граѓаните не треба да се грижат за безбедноста бидејќи изјави за доверливост се потпишани од страна на сите институции за заштита на личните податоци. Велат дека системот за поврат на ДДВ не навлегува во податоците на даночниот обврзник, а трансакциската сметка којашто е во системот е со цел да се исплатат парите од повратот на ДДВ.

Од УЈП предупредуваат да не се вршат манипулации бидејќи системот ќе препознае доколку некој сака да го изманипулира и двојно да врати пари од ДДВ. За таквите, предвидена е глоба од 250 евра.

Управата за јавни приходи ги повика граѓаните кои користат „Ајфони“, да имаат трпение, велат наскоро се очекува да заврши целата процедура по што и тие ќе можат да ја симнат апликацијата и да скенираат фискални сметки.

– Не е проблемот од УЈП. До „Епл Стор“ е испратено барање уште на 25 мај, но тие имаат порестриктивна процедура на проверка и затоа од „Ајфоните“ не може да се симне апликацијата. Тие рестриктивни политики го одложија процесот. Но, очекуваме процедурите наскоро да завршат и тврдам дека не е можно да нѐ одбијат, затоа што целата документација што ја побараа е уредно испратена. Дотогаш корисниците на „Ајфоните“, може да ги користат баркод читачите на УЈП, а доколку има некои дилеми или проблем, целосно им стоиме на располагање – вели Лукаревска.

Упрвата се пофали дека системот за проектот „ Мој данок, моја заштеда“ е подготвен да прими половина милион ДДВ корисници и како што велат нивните очекувања се ова бројка на корисници наскоро да ја достигнат,со оглед на фактот што за само 5 дена има симнатно приближно 60.000 апликации.