Фото: Игор Бансколиев

Кратката делница од само 200 километри изморените возачи гледаат да ја поминат што побрзо и одморот да го најдат на некоја морска плажа. Но со добра кампања некои од нив може и да се мотивираат да се исклучат од автопатот и да пробаат некое македонско вино, да уживаат во автентичните домашни јадења, да ја почувствуваат историјата со која дише ова мало парче земја, но и да придонесат за зголемување на профитот од туризмот

Илјадници Германци, Романци, Унгарци, Срби секојдневно транзитираат низ Македонија, но прашањето што се поставува во овие летни месеци е како дел од нив на патот кон морето барем на кратко да се задржи во земјава.
Кратката делница од само 200 километри изморените возачи гледаат да ја поминат што побрзо и одморот да го најдат на некоја морска плажа. Но со добра кампања некои од нив може и да се мотивираат да се исклучат од автопатот и да пробаат некое македонско вино, да уживаат во автентичните домашни јадења, да ја почувствуваат историјата со која дише ова мало парче земја, но и да придонесат за зголемување на профитот од туризмот

Она што им се нуди на туристите што доаѓаат во земјава се веќе познатите капацитети во Охрид и Дојран, Преспа е по малку заборавена од овој аспект, но и таа нуди можност за љубителите на некомерцијалниот туризам, кој во светот бележи огромен пораст. Тука се и другите типови туризам, како винскиот, адреналинскиот, планинскиот…

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на странските туристи во мај 2019 година е намален за 5,2 отсто во однос на истиот период лани, додека пораст од 2,1 отсто е забележан кај бројот на ноќевањата.

Во периодот јануари – мај 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на странски туристи е намален за 1,0 отсто. Во истиот период за 0,2 отсто е намален и бројот на ноќевања остварени од странските туристи.
Туристичките работници имаат забелешки дека иако странските туристи посетуваат одредени дестинации во земјава надвор од претходно планираната маршрута, државата нема посериозна бенефиција.

Според пример што го посочуваат битолски туристички работници и угостители, турските туристи, кои се најмногубројни во земјава, особено во Битола, не остануваат дури ни да се освежат со сок или пиво, а на популарниот Широк сокак не пијат ни турско кафе ни чај, туку само на брзање шетаат низ градот и веднаш се упатуваат со автобусите на други дестинации, најчесто надвор од нашите граници.
Познавачите на состојбите во туризмот сметаат дека е потребно државата да изработи сериозна стратегија за навреме да ги привлече транзитните туристи.
– Потребно е креирање стратегија за задржување на туристите што транзитираат низ Македонија, но имплементацијата на стратегијата не треба да се креира и имплементира сега, туку минимум шест месеци пред летото, кога туристите го планираат својот одмор – вели Синиша Пекевски, маркетинг-експерт.
Тој додава дека туристичкиот маркетинг треба да биде континуиран и инвентивен, за да ги намами туристите.

– Рекламата кон строго целните пазари од каде што доаѓаат туристите што транзитираат низ Македонија треба да е континуирана, креативна и динамична. Само тогаш туристите ќе останат подолго. И последна работа, креирањето соодветна понуда, проследена со конкурентни цени, е нешто што ќе ги задржи туристите и во Велес, и во Гевгелија, и во Скопје, и во Струмица, и во Куманово… Без инвестиција во промоција, не правиме ништо – заклучува Пекевски.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот наведуваат дека изминатиот период направиле промоција на нашата земја во странство преку онлајн-рекламирање во 12 земји, меѓу кои во Словенија, Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Хрватска, Полска, Романија, Шведска, Естонија, Израел и Турција. Покрај тоа, биле поставени и рекламни банери, била организирана билборд-кампања по должината на коридорот Е75. Од Агенцијата нагласуваат и дека туристичката понуда на земјава била презентирана и на осум интернационални саеми, а биле подготвени и над 40 туристички репортажи.

– Насочувањето и задржувањето на туристите што минуваат низ Република Северна Македонија се одвива преку билборд-кампања во Србија, која е во траење од четири недели и опфаќа голем број билборди поставени по должината на автопатот Е75. Почнувајќи од Белград, па до македонската граница, овој пристап со т.н. надворешно рекламирање значи директно зајакнување на промоцијата на локациите што се атрактивни за туристите, а се наоѓаат во непосредна близина на автопатот – посочуваат од Агенцијата.

Без оглед на сите овие активности, се добива впечаток дека „најинтересна“ дестинација на туристите што транзитираат низ Македонија и натаму се бензинските пумпи, каде што најчесто се застанува да се наточи поевтин бензин или да се оди во тоалет. Од тоа и нема некоја посебна бенефиција за туризмот.