Американскиот претседател Доналд Трамп остро ја критикуваше американската централна банка Фед, оценувајќи дека нејзината политика на зголемување на каматите е „смешна“ и дека ги зголемува на неговата влада трошоците на финансирање на растечкиот буџетски дефицит.

– Плаќам камати по висока стапка заради нашиот Фед. И би сакал нашиот Фед да не биде толку агресивен бидејќи мислам дека прават голема грешка – рече Трамп во четврток, во интервјуто за Fox&Friends.

Тоа во последните 24 часа беше негов втор напад врз централна банка, откако ден претходно порача дека „Фед полудел“.

Критиките на Трамп уследија по повеќедневниот остар пад на цените на акциите на Волстрит, што меѓу другото, е последица на растот на приносот на американските државни обврзници, откако Фед неодамна третпат оваа година ги зголеми каматните стапки и најави понатамошно зголемување на цената на парите.