Јапонскиот автомобилски гигант Тојота соопшти денеска дека ќе повлече повеќе од 2,4 милиони хибридни автомобили поради грешка која би можела да предизвика несреќи, по само еден месец откако претходно беа повлечени милион хибриди заради друг вид на проблем.

Компанијата во септември објави дека повлекува над милион хибридни возила ширум светот заради проблем со електричната инсталација што би можело да предизвика пожар во автомобилот.

Ова последно повлекување зафаќа неколку модели на „приус“ и „аурис“ кои се произведени меѓу октомври 2008 и ноември 2014 година. Над милион од спорните возила се во Јапонија, 830.000 се во Северна Америка, 290.000 во Европа, 3.000 во Кина, а остатокот во другите делови од светот.

Хибридните автомобили за придвижување користат два или повеќе извора на енергија, наместо еден како кај традиционалните возила. Најчеста комбинација е бензински или дизел мотор со електромотор.

Компанијата објави дека засега немало ниту еден вистински случај на дефект.

Од компанијата посочуваат дека проблемот ќе биде решен со надоградување на софтверот, а целата операција би требало да трае околу 40 минути.