Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трендот на зголемени економски активности во технолошко индустриските зони продолжува и во вториот месец од годинава, изјави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Тој кажа дека компаниите активни во зоните учествуваат со 48% од вкупниот извоз во националната економија, што е за три процентни поени повеќе од декември, со тенденција за понатамошен пораст. Истовремено, додаде Деспотовски, вкупниот извоз од зоните во февруари 2021 е за речиси 17% зголемен во однос на февруари 2020 година. Овој пораст е за 1,6 процентни поени повисок од порастот на вкупниот извоз во јануари 2021, во однос на јануари лани.

– И во однос на увозот компаниите во ТИРЗ учествуваат со околу 40% од вкупниот увоз во Северна Македонија и во февруари изнесувал 249,3 милиони евра. Споредбено во рамки на зоните во февруари 2021 е регистриран благ раст од околу 2% во однос на февруари 2020. Покриеноста на увозот со извоз останува значителнна. Така, во февруари 2021 нето извозот достигнува скоро +20%, што е раст во однос на јануари 2021 за 2 процентни поени. Споредено со вкупната економија, покриеноста на увозот со извоз во јануари 2021 има позитивен тренд на подобрување од околу десет проеценти, но сеуште е во минус 15,3% – рече Деспотовски.

Тој додаде дека бројот на вработени во зоните останува стабилен и во вториот месец од годинава.

– Во овие компании работат над 14.000 лица, при што кај дел од компаниите во тек се постапки за прием на нови работници. Според анализите на Дирекцијата за ТИРЗ, постојните договори со инвеститорите пресвидуваат обврска за креирање на нови 7.500 работни места – рече Деспотовски.