Винарницата „Тиквеш“ беше доведена во ситуација привремено да го прекине откупот на грозјето, иако е единствената винарница во земјава која оваа година дефинираше највисока цена, ја почитуваше договорената цена за откуп на вранецот и смедеревката, факт кој јавно го потврдија и актуелниот градоначалник на Кавадарци и претставникот на здружението на лозарите, соопшти компанијата.

– Ваквиот прекин беше предизвикан од неколкумина поединци кои на крајно некоректен и насилнички начин го блокираа влезот на винарницата и со тоа им попречија на над 200 вистински лозари кои денеска беше планирано да го предадат своето грозје во „Тиквеш“. За да биде ситуацијата уште поапсурдна, поединците кои насилно и на највулгарен начин го блокираа влезот во винарницата и притоа нанесоа материјална штета, всушност се обиделе да манипулираат со квалитетот на грозјето кое имале намера да го предадат во „Тиквеш“ – се додава во соопштението.

Според компанијта, грозјето што овие поединци сакале да го предадат за откуп било со многу понизок квалитет и воопшто не одговарало на мострите кои претходно ги презентирале, со што при стручната проценка на квалитетот е утврдено дека ова грозје немало соодветни карактеристики за да може од него да се произведе вино или дестилат, а со тоа не можело да ја постигне цената која тие ја очекувале.

Од „Тиквеш“ посочуваат дека како општествено одговорна компанија гарантираат дека од својата страна и понатаму ќе продолжат доследно да ги почитуваат сите преземени договорни обврски кон лозарите, но истовремено истото го очекуваат и од своите партнери.