Тиквешките лозари вчера протестираа на градскиот плоштад во Кавадарци и побараа да им се исплати грозјето предадено во 2015 и 2016 година во „Стефани винарија“ и „Повардарие“. Ако овие барања не бидат исполнети до 10 февруари, најавија блокади низ Тиквешијата. Лозарите побараа и загарантирана откупна цена од 17,5 денари за килограм „смедеревка“ и 18,5 денари за „вранец“.

– Лозарите повеќе не можат да издржат. Доколку не се исполнат барањата, ќе бидат принудени да организираат масовни протести. За „Стефани винарија“ ситуацијата е многу тешка. Влезена е во стечај. За сите ќе има пари освен за лозарите. Во „Повардарие“ работите се малку подобри. Бараме Владата да преземе конечни мерки и да си ги добиеме парите – рече Трајче Кулев, претседател на регионалното здружение „Напредни лозари“.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев се согласува целосно со барањата на производителите на грозје и им даде целосна поддршка.

– Од Владата има ветување дека ќе се најде начин да се исплати грозјето предадено во „Повардарие“. Исто така имаме ветување дека во стечајната маса во „Стефани винарија“ ќе влезе и долгот на лозарите. До крајот на февруари заедно со Владата, општината, лозарите да најдеме начин да се исплати долгот. Да се донесе нов закон со кој ќе се загарантира откупот. Ниту една винарница да не може да го продаде виното или да го заложи пред да го плати грозјето. Тоа е единствен начин да имаме сигурност – рече Јанчев.

Градоначалникот потсети дека лозарите во земјава се единствената категорија производители, кои не можат да го наплатат својот производ.

Обраќања на протестот имаа и повеќе лозари, кои се осврнаа на проблемите со кои се соочуваат со години, а говореше и пратеникот Панчо Минов.

– Имаме гаранција од државата дека неисплатените пари ќе ви бидат исплатени оваа година. Годинава ќе ви биде исплатено грозјето предадено во „Повардарие“ со средства од буџетот. Јас го ставив мојот мандат во залог и ви гарантирам дека долгот ќе ви се исплати – рече Минов, дополнувајќи дека ќе побара до Свети Трифун да им се исплатат парите за субвенции и ветениот еден денар за килограм предадено грозје.
Се постигна договор во сабота да остварат средба со министерот за земјоделство во Кавадарци, кој го најавил неговото присуство и лично да му ги пренесат барањата.