Компанијата „ТЕ-ТО“ АД Скопје реагираше дека неосновани се наводите на Управата за финансиска полиција изнесени на прес-конференцијата одржана минатата недела, преку соопштение испратено до медиумите.

– Недопустливо е Финансиската полиција да излегува на прес-конференции за медиумите со бомбастични најави за наводен криминал кај најголемиот странски гринфилд-инвеститор во државата и тоа во фаза на интерни истражни постапки. Јавно се изнесуваат крајно паушални и неаргументирани наводи, кои допрва треба да се докажуваат во правни постапки. Ваквите неаргументирани јавни настапи и напади врз странски инвестиции од страна на сериозни институции, каква што треба да биде Финансиската полиција, се целосно во спротивност и на штета на клучниот приоритет на Владата за привлекување странски инвестиции во државата – се вели во реакцијата на „Те-То“ АД Скопје во врска со кривичната пријава на Финансиската полиција поднесена против компанијата.

– Од самото соопштение до јавноста се гледа дека Финансиската полиција поднесува кривична пријава за перење пари, без притоа да има доказ – судска пресуда. Постојните наводи за перење пари и криминални дејства се базирани на информации од незавршени истраги за кои се тврди дека се водат во Руската Федерација. Обвиненијата дека директорот на ‘Те-То’ АД предизвикал лажен стечај се целосно неосновани. Ова се гледа од ревизорските извештаи на ‘Те-То’ АД изработувани од реномирани ревизорски куќи, а кои се однесуваат на годишните сметки на компанијата за периодот откога таа почна со комерцијална работа до стапувањето во сила на планот за реорганизација. Фактот дека услови за стечај постоеле го потврди и самата Топлификација АД, со тоа што на 30 мај 2018 година поднесе предлог за стечај на ‘Те-То’ АД Скопје – се наведува во соопштението на ТЕ-ТО.

Обвиненијата дека директорот на ‘Те-То’ АД потпишал нотарски спогодби спротивно на
Законот за трговските друштва и Статутот на компанијата се исто така неточни бидејќи со наведените спогодби се прави само одлагање на веќе достасани заеми, не се преземаат никакви дополнителни обврски за компанијата, туку, напротив, компанијата ја подобрува својата позиција во однос на веќе достасаните обврски. Тоа е во целост во согласност со Законот за трговските друштва и Статутот на компанијата. Уште повеќе, одлагањето на рокот на враќање на веќе достасани заеми не влијаел на фактот дека компанијата ги исполнува условите за реорганизација. Во согласност со Законот за стечајот, секое лице овластено за застапување на правното лице има право да поднесе предлог за отворање стечај, така што неточни се наводите дека директорот на ‘Те-То’ АД неовластено поднел предлог за стечај. Ваквиот неодговорен однос кон компанијата ‘Те-То’ АД Скопје ѝ нанесува непоправливи штети на деловната репутација, ја отежнува конкурентната способност на компанијата на европскиот пазар и го нарушува нејзиното нормално работење“, се додава во соопштението.

Во него се наведува дека ‘Те-То’ АД има сериозен позитивен импакт врз економијата во државата преку плаќање такси и други давачки во висина од 8 милиони евра годишно. Во компаниите на Групацијата Те-То и БЕГ работат околу 350 вработени, во голем дел високостручен инженерски кадар. ‘Те-То’ АД Скопје е најголемиот потрошувач на гас во државата, кој произведува топлинска и електрична енергија на начин поволен за животната средина.

– И покрај неоснованите дејства на истражните органи, компанијата ја продолжува својата дејност со сигурно и квалитетно производство на електрична и топлинска енергија во енергетскиот систем на државата. ‘Те-То’ АД Скопје со сите правни и законски мерки што се на располагање ќе докаже дека наводите од кривичната пријава се неосновани и ќе ги заштити интересите на компанијата, акционерите, доверителите, вработените и на државата – велат од компанијата.