„Тесла“ ги извести работниците дека привремено ќе запре со дел од производството во фабриката за монтажа на автомобили во Калифорнија, објави вчера „Блумберг“ повикувајќи се на неименуван извор. На работниците од производната линија „Модел 3“ во Фремонт им беше соопштено дека нивната линија нема да работи од 22 февруари до 7 март, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

Не е јасно колкав обем или приход ќе изгуби „Тесла“ поради исклучувањето на фабриката во Фримонт, која има годишен производствен капацитет од 500 илјади возила од „Модел 3“ и „Модел Y“ заедно.

Тесла минатиот месец објави дека се соочува со привремено негативно влијание врз производството поради глобален недостиг на полупроводници.

Акциите на „Тесла“ паднале за 8 отсто откако „Блумберг“ објави дека производството на „Модел 3“ е привремено прекинато, покренувајќи прашања дали има доволно залихи за да го задржи производството.

Неколку производители на автомобили меѓу кои „Џенерал моторс“, „Фолксваген“ и „Форд мотор“ исто така се соочувааат со недостиг на чипови, поради што беа принудени да го намалат производството.