Норвешката телекомуникациска компанија Теленор постигна договор за продажба на работењето во централна и источна Европа на чешката инвестициска компанија ППФ за 2,8 милијарди евра.

– Трансакцијата го вклучува работењето во мобилната телефонија во Унгарија, Бугарија, Црна Гора и Србија, која во целост е во сопственост на Теленор, како и на компанијата Теленор Комон Оперејшн – информираа денеска од оваа компанија

– Продажбата на имотот во централна и источна Европа е важен потег во насока на поедноставување и фокусирање на портфељот на Теленор на регионите во кои гледаме најсилен потенцијал за создавање на вредност – појасни во соопштението Сигве Бреке, извршен директор на Теленор.
Норвешката компанија во јануари објави дека добила понуда за имотот во централна и источна Европа и дека планираат да ја разгледаат.

Нивното работење во регионот вклучува 3.500 вработени и повеќе од девет милиони корисници, остварувајќи минатата година вкупни приходи од 11,8 милијарди норвешки круни(1,24 милијарди евра).

Пред најавената трансакција Теленор работеше во 12 земји, вклучително три нордиски, пет азиски и четири во централна и источна Европа, со вкупно 176 милиони клиенти.