Фото: Игор Бансколиев

Кога би имало расположлива работна сила што би сакала да работи во текстилната, кожарската или во чевларската индустрија, 5.000 работни места се веднаш слободни, велат од кластерот

Не постои текстилна компанија во Македонија што може да го зголеми бројот на вработени, а тоа е еден од двата услова за добивање поддршка за инвестиции во согласност со законските измени што се во собраниска процедура. Од текстилната индустрија предупредија на голем недостиг од работна сила и на тоа дека можат да опстанат само ако вложуваат во опрема и технологија, поради што поддршката им е повеќе од неопходна. На тој начин, како што велат, не само што би останале рентабилни туку и би ги зголемиле и платите и продуктивноста.
На конференција во Стопанската комора на Македонија тие побараа побрзо да се донесе законот, кој е во процедура веќе девет месеци, но да се поддржи и амандманот што ги иззема од условот за зголемен број вработени.

– Единствен начин да опстанеме е да инвестираме во опрема, во современи автоматски машини, да почнеме со комплетно производство и креирање сопствени брендови. Нашите компании ги зголемуваат извозот, вкупниот приход и девизниот прилив, но зголемувањето на бројот на работници, и да сакаат, не можат да го остварат, поради недостигот од работна сила на пазарот на трудот – истакна Ангел Димитров, претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија.

Како што вели тој, кога би имало расположлива работна сила што би сакала да работи во текстилната, кожарската или чевларската индустрија, 5.000 работни места се веднаш слободни. Секоја конфекција е подготвена да вработи 20-30 лица.

– Текстилната, кожарската и чевларската индустрија вработуваат 65.000 лица, или 20 отсто од вкупниот број вработени во државата. Само текстилни компании во земјава има 800, со 35.000-38.000 вработени. Од нив, најмалку половината ќе можат да конкурираат за поддршка за инвестиции, а некои дури и почнале да вложуваат во опрема – објасни Димитров.

Според Мирјана Перковска, претседателка на Кластерот за текстил, најголем проблем е тоа што или се малку или воопшто не постојат компании во кои бројот на вработени се зголемува.

– Евентуалната модернизација и автоматизација би овозможиле со истиот број вработени да се извршува поголем обем на производство, односно да се зголеми продуктивноста – потенцира Перковска.

Во текстилната и во кожарската индустрија, според статистиката, платите постојано се зголемуваат и бележат најголем процентуален пораст.

– Секоја компанија во Македонија мора во текот на годината да ги покачи платите за барем 10 отсто. Во спротивно ќе се соочи со недостиг од работници и тие едноставно ќе си одат – нагласи Димитров.

Перковска дополни дека проблемот е што индустријата е недоволно технолошки подготвена, а цените на материјалите постојано растат. Поради тоа компаниите не можат да ја зголемат платата.

Законските измени за поддршка на инвестиции предвидуваат два критериума: компаниите да остварат зголемување на приходот од дејноста колку просекот во последните три години и да имаат ист или зголемен број вработени во однос на просекот во последните три години.

– Ова е само прв, иницијален чекор, но не и доволен за да заживеат текстилната и преработувачката индустрија воопшто. Мора да се размислува и за други инструменти: гарантни фондови, соработка со деловните банки и реструктурирање на Македонската банка за обнова и развој во насока на директна поддршка на компаниите, а за да нема неусогласености на законите со практиката, при нивното носење не треба да се одржуваат само формални средби туку и да се слуша гласот на реалниот сектор – напоменаа текстилците и сугерираа да се формира советодавно тело со луѓе практичари, како коректор на недопрецизираните регулативи.