Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поголема реализација на капиталните инвестиции во второто полугодие и подобри движења во економијата од првичната проекција на Владата за годинава очекува министерот за финансии Драган Тевдоски.

– Кај капиталните инвестиции, поточно кај патиштата што се реализираат од Јавното претпријатие за државни патишта, состојбата е одлична и во првиот квартал трипати е подобра од истиот период лани – изјави министерот на отворањето на Деновите за финансиска писменост.

Тој посочи дека ако на тоа се надградат бројките за силниот пораст на индустриското производство од 8,8 отсто и за силниот извоз, очекувањата се дека годинава економијата ќе биде многу подобра од минатата година.
– Ако се земат серија години наназад, секогаш забрзувала реализацијата на капиталите инвестиции во втората половина од годината и очекуваме дека и годинава тоа ќе биде случај. Главно е што ЈП за државни патишта е надвор од буџетот и тоа годинава реализира многу подобро од минатата година. Реализира трипати повеќе и тоа ни дава оптимизам, но и првите показатели за првиот квартал покажуваат дека економијата ќе се движи позитивно, и тоа подобро од лани – рече министерот Тевдовски.

На продолжување на економската активност, како што изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, упатуваат и расположливите краткорочни индикатори.

– Сѐ уште не се објавени податоците за првиот квартал од годинава, но расположливите краткорочни индикатори упатуваат на натамошно продолжување на економската активност – изјави гувернерката.
Е.Р.