Јавните финансии се транспарентни, јавниот долг е под контрола, а во процедура се и реформи за унапредување на јавниот финансиски систем. Ова го посочи министерот за финансии Драган Тевдовски на Конференцијата на Македонската академија на науките и уметностите, зборувајќи за реформи во системот на јавните финансии.

Министерот посочи дека јавните финансии сега се во добра кондиција, но и дека се изготвени мерки за подобрување на системот.

– Со Програмата за реформи на јавните финансии (ПФМ) предвидени се низа мерки за поголема ефикасност и ефективност на јавното трошење, одржливост на долгот и поголема транспарентност. Преку нов закон за буџети, подобрен систем за јавни набавки, објавување на расходите на веб платформа и други мерки, ќе се подобри управувањето со јавни финансии. Со ова ќе се обезбеди стабилен и одржлив економски раст, а со тоа и подобар стандард за граѓаните, рече Тевдовски.

Министерот за финансии истакна дека по долго време јавниот долг е ставен под контрола.

– После девет години имаме намалување на јавниот долг на годишно ниво. Долгот е ставен под контрола. Истовремено имаме подобрување ако се гледаат каматите и структурата. Значително е намалена каматната стапка на државните хартии од вредност. Ова е резултат на зголемување на довербата на инвеститорите. Таа доверба се покажа и при издавањето на еврообврзницата. Постигната е историски најниска камата од 2,75 проценти. Тоа е двојно па и трикратно помалку во споредба со претходно издадени еврообврзници, рече Тевдовски и додаде дека е зголемена и рочноста на издадените државни хартии од вредност, што го прави долгот поодржлив.

Тевдовски посочи и дека зголемувањето на транспаретноста им дава на граѓаните контрола над трошењето на државните пари.

– Транспарентноста е најдобриот механизам за поефикасно и ефективно управување со јавните финансии. Направивме низа чекори во оваа насока изминатиов период, што беше забележано од меѓунардните финансиски институции, но и Европската Унија. Објавени се низа податоци и извештаи кои претходно не беа објавувани, направен е „Граѓански буџет“, а буџетските корисници имаат обврска да ги објавуваат договорите и анексите за јавни набавки, како и завршните сметки на своите веб страници. Преземени се и низа други мерки, а ќе се преземаат и во иднина. До крајот на годината граѓаните преку веб ќе можат да ги следат исплатите од трезорот, а буџетот ќе им стане подостапен преку веб-апликација и други алатки  кои ги подготвуваме. рече Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека една од клучните реформи во јавните финансии се прави во системот за јавни набавки. Со новиот закон е предвидена поголема транспаретност во јавните набавки, а во предвид ќе се зема економски најисплатливата понуда. Законот е усогласен со европските пракси.

Научната конференција која ја организираше Академијата беше посветена на идните предизвици на економскиот развој и економските политики кои се водат во Република Македонија. На конференцијата свое излагање имаа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, претседателот на МАНУ Таки Фити, гувернерот на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска, универзитетски професори и претставници на бизнис секторот.