Јавните финансии се транспарентни, јавниот долг е под контрола, а во процедура се и реформи за унапредување на јавниот финансиски систем. Ова го посочи министерот за финансии Драган Тевдовски на конференцијата на Македонската академија на науките и уметностите, зборувајќи за реформи во системот на јавните финансии. Тој посочи дека јавните финансии сега се во добра кондиција, но и дека се изработени мерки за подобрување на системот.

– Со Програмата за реформи на јавните финансии предвидени се мерки за поголема ефикасност и ефективност на јавното трошење, одржливост на долгот и поголема транспарентност. Преку нов закон за буџети, подобрен систем за јавни набавки, објавување на расходите на веб-платформа и други мерки, ќе се подобри управувањето со јавни финансии. Со ова ќе се обезбеди стабилен и одржлив економски раст, а со тоа и подобар стандард за граѓаните – рече Тевдовски.
Министерот за финансии истакна дека по долго време јавниот долг е ставен под контрола.

– По девет години имаме намалување на јавниот долг на годишно ниво. Долгот е ставен под контрола. Истовремено имаме подобрување ако се гледаат каматите и структурата. Значително е намалена каматната стапка на државните хартии од вредност. Ова е резултат на зголемување на довербата на инвеститорите. Таа доверба се покажа и при издавањето на еврообврзницата. Постигната е историски најниска камата од 2,75 проценти. Тоа е двојно, па и трикратно помалку во споредба со претходно издадени еврообврзници – кажа Тевдовски.

Тој додаде дека е зголемена и рочноста на издадените државни хартии од вредност, што го прави долгот поодржлив и посочи дека зголемувањето на транспарентноста им дава на граѓаните контрола над трошењето на државните пари.

– Транспарентноста е најдобриот механизам за поефикасно управување со јавните финансии. Направивме низа чекори во оваа насока изминатиов период, што беше забележано од меѓународните финансиски институции, но и од Европската Унија. Објавени се низа податоци и извештаи што претходно не беа објавувани, направен е граѓански буџет, а буџетските корисници имаат обврска да ги објавуваат договорите и анексите за јавни набавки, како и завршните сметки на своите веб-страници.

Преземени се и други мерки, а ќе се преземаат и во иднина. До крајот на годината граѓаните преку веб ќе можат да ги следат исплатите од трезорот, а буџетот ќе им стане подостапен преку веб-апликација и други алатки што ги подготвуваме – појасни Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека една од клучните реформи во јавните финансии се прави во системот за јавни набавки. Со новиот закон е предвидена поголема транспарентност во јавните набавки, а предвид ќе се зема економски најисплатливата понуда. Законот е усогласен со европските практики.