Тевдовски: Преку инвестирање во јавни услуги до одржлив развој

Одржлив раст може да се постигне само преку вложување во подобар живот за граѓаните, односно преку подобар систем на социјална заштита, рекол министерот за финансии Драган Тевдовски во обраќањето на Годишните средби на ММФ и Светска банка во Индонезија.

Тевдовски, како што соопшти неговиот кабинет, истакнал дека приоритет на македонската влада е членството на земјата во ЕУ и во НАТО, а таа агенда предвидува подобрување на животниот стандард на граѓаните, владеење на правото, еднаквоста, квалитетен образовен и здравствен систем.

– Еден од првите чекори на Владата во 2017-та беше да се зголеми минималната плата и тоа да се однесува на сите вработени. Подготвивме и сеопфатна реформа во системот на социјална помош и детска заштита. Еден од столбовите на оваа реформа е воведувањето гарантиран минимален приход, со што сме прва земја во регионот со ваква реформа. Со поддршка на Светска банка работиме и на подобрување на системот на социјална заштита. Целта е социјалните трансфери подобро да се насочат кон ранливите групи. Исто така, ќе воведеме фер даночен систем. Сите овие мерки се во насока на намалување на нееднаквоста, а со тоа постигнување на глобалните цели за одржлив развој – кажал Тевдовски.