Преку обезбедување на сеопфатен систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, ќе се овозможи подобро управување со јавните средства, поголема отчетност и ефикасност во нивното трошење, беше заклучено на денешната конференција во Министерството за финансии.

Имено, на конференцијата пред претставници на Европската комисија, ОЕЦД и СИГМА, беше презентирана „Политиката за внатрешната финансиска контрола во јавниот сектор“, односно стратегијата за идниот развој на јавната внатрешна финансиска контрола.

– Со секоја реформа вообичаено се поставува прашањето за користа од она што се презема. Во конкретниов случај, станува збор за неколку исклучително важни работи: поуспешно, поефикасно и поодговорно трошење на парите од буџетот на државно и на локално ниво, стратешко планирање на финансиите, поквалитетни контролни механизми, сузбивање евентуални неправилности во користењето на јавните финансии, зголемување на транспарентноста и отчетноста- нагласи министерот за финансии Драган Тевдовски.

Посочи дека јавната внатрешна финансиска контрола е дел од идните преговори со Европската Унија.

– Тоа поглавје, според искуството на некои од земјите од регионот, е меѓу посложените во однос на усогласување со меѓународните стандарди и најдобрите практики на ЕУ. Меѓутоа, нашата земја досега има спроведено неколку твининг проекти за јавната внатрешна финансиска контрола, така што очекувам дека подготвено ќе ги дочекаме преговорите- истакна Тевдовски.

Наведе дека земјата сега има сеопфатна национална стратегија како внатрешната контрола треба да се спроведува во јавната администрација.

– Претстојните реформи, без сомение, ќе придонесат за потранспарентно и отчетно носење на одлуките и поефикасно трошење на јавните пари- рече Рејмонд Хил, тим лидер за јавна внатрешна финансиска контрола во Генералниот директорат за буџет во Европската комисија.