После повеќе од 10 години јавниот долг е ставен под контрола, информираше денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на јавната дискусија на Економскиот факултет насловена „Јавните финансии на крстопат“.

– Отплатени се дел од старите долгови, зголемена е рочноста на издадените државни хартии од вредност, намалена е каматната стапка и зголемена е довербата кај инвеститорите рече Тевдовски.

Тој посочи дека Владата успешно го менаџира јавниот долг и , како што рече, иако е наследен брзорастечки долг од претходната влада, новата Влада првпат после осум години успева да го намали долгот на годишно ниво.

– Владата планира постепена буџетска консолидација, со буџетски дефицит од два отсто на среден рок. Отплатени се стари долгови, подобрена е структурата на долгот преку зголемена рочност и пониски каматни стапки. Зголемена е и довербата на инвеститорите ако се земе предвид дека е издадена еврообврзница со историски најниска каматна стапка од 2,75 проценти, како и државна обврзница со рочност 30 години. Зголемената доверба се гледа и од извештаите на кредитните агенции, како на пример „Фич“ кој го подобри изгледот за рејтингот на земјата – рече Тевдовски.

Тој најави реформи во јавните финансии до крајот на годинава.

– Согласно Акцискиот план за спроведување на Програмата за реформи во управување со јавните финансии годинава ќе се подготви законската регулатива за нов систем за јавни набавки, за повеќегодишно буџетирање и претпополнета даночна пријава за олеснување на обврските на даночните обврзници. Во насока на зголемување на транспарентноста како една од најкрупните реформи која ќе се спроведе е објавување на Трезорот на веб, односно целосен увид на јавноста во сите расходи на државната каса во реално време – посочи Тевдовски.

За фискалната транспарентност рече дека е клучна алатка за подобрување на управувањето со јавните финансии.

Нагласи дека е подобрена наплатата на даноци, како и дека значително е зголемен повратот на ДДВ што, како што кажа, ќе придонесе за подобра ликвидност на фирмите и нови инвестиции.

– Приходите се насочени кон повеќе средства за активни мерки за вработување, за финансиска поддршка на малите и средни претпријатија, како за раст на платите во образование, здравство и АРМ, рече Тевдовски.

Со креирањето на подобар систем за управување на јавните финансии, посочи, ќе се постигнат повисоки и одржливи стапки на економски раст.