Наплатата на даноци и придонеси заклучно август е повисока за 120 милиони евра во однос на минатата година. Ова, според министерот за финансии Драган Тевдовски, укажува на поголема економска активност, односно поголема добивка на фирмите, повисоки плати и нови работни места.

Тевдовски посочува дека даноците и придонесите пораснале за седум проценти во однос на минатата година. Ова значи продолжување на позитивниот тренд во однос на второто тримесечје годинава, кога економијата постигна повисок раст на БДП од 3,1 проценти.

– Наплатата на даноците покажува интензивирање на економската активност. Во периодот јануари-август наплатата на даноците е седум отсто повисока. Ова се должи во голема мера на растот на данокот на добивка, чија наплата е подобра за 25 проценти во однос на лани или за околу 35 милиони евра. Тоа укажува на зголемена активност на фирмите. Исто така, има раст на придонесите на седум отсто укажува дека трендот на раст на плати и нови работни места продолжува и после второто тримесечје. Имено, високата наплата на придонеси во првото полугодие од годинава е поврзано со растот на платите за 5,6 отсто и растот на бројот на работни места за околу 10.000 нови – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Сервисирањето на обврските од државата се одвива непречено. – Обврските се покриваат редовно. Повратот на ДДВ кон фирмите е навремен и неселективен. Од почетокот на годината до крајот на август, во стопанството се вратени 250 милиони евра поврат на ДДВ. Во август имавме извршено најголем поврат во последните години, во износ од 44 милиони евра. Со обезбедување на ликвидност на фирмите, се поддржуваат нивните тековни, но и инвестициски активности. Во овој период се забележува поголема инвестициска активност на компаниите. Имено, ако се анализира увозот, во периодот од јануари-јули 2018, најголем раст од 19,7 проценти се забележува кај секторот машини и транспортни уреди. Овој податок укажува на раст на инвестициите на фирмите во основни средства. Тоа ќе придонесе за раст на економската активност и во иднина, поголемо производство и нови работни места – вели Тевдовски.