Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска изјави дека во моментов не се работи на ребаланс на Буџетот зашто реализацијата на приходите е одлична и тие се собираат согласно проектираното.

Сепак, како што нагласи, одговорајќи на новинарско прашање, се прават анализи за тоа што треба да се стори во наредниот период.

– Апсолутно немаме проблем со приходната страна. Буџетот ги собира приходите како што сме ги проектирале, што е одлично. Можеме во целост да ги реализираме буџетските обврски- потенцира Тевдовски по потпишувањето на Договорот меѓу Охридска банка и ЕБРД за нова кредитна линија за малите и средни претпријатија.

Министерот рече дека како никогаш порано, јавноста може секој месец да го гледа остварувањето на Буџетот, и на приходната и на расходната страна.

– Сите економски параметри се позитивни, извозот е одличен и странските инвестиции во првиот квартал исто така. Единствено имаме проблем со реализацијата на капиталните инвестиции, главно во нискоградбата што е веќе познато. Првиот податок од Статистика за вториот квартал годинава покажува дека градежништвото во април има сериозен раст- истакна министерот.

Во врска со инвестициите на домашните компании, Тевдовски посочи дека токму кредитната линија потпишана денеска е сериозна алатка и поддршка во овој правец.

– Со нормализација на финансиската состојба, здравите фискални политики што ги водиме и позитивните движења на економијата, инвеститорите ќе влегуваат во инвестиции, во отворање работни места и ќе ја движат економијата напред- подвлече министерот Тевдовски.