Министерот за финансии Драган Тевдовски, кој во Љубљана учествува на конференцијата „Кон подобрени структурни реформи и фискални рамки“, истакна дека Република Северна Македонија е лидер меѓу земјите од регионот во спроведување на препораките на Европската комисија за реализирање на Програмата за економски реформи.

– Минатата 2018 година, имплементиравме најмногу препораки од сите земји аспиранти за влез во ЕУ. Лани бевме најдобри со 54,4 проценти реализација. Во моментов, процентот на реализација на договорените активности е 65 проценти. Уверени сме дека таквиот тренд ќе продолжи и во наредниот период и дека дијалогот со Европската комисија ќе биде поттик да дојдеме до најдобрите решенија за земјата- рекол Тевдовски.

На конференцијата, како што соопшти Министерството за финансии, било истакнато дека во процесот на пристапување кон ЕУ, економиите на земјите – аспиранти треба да станат доволно витални за да ги издржат конкурентните притисоци на единствениот пазар на ЕУ. Како најважни области кои треба да се зајакнат биле посочени економското управување, конкурентноста и трговијата, а клучни инструменти на политиката во овој процес се програмите за економски реформи, вклучувајќи ги структурните реформи, со цел да се поттикне растот и конкуренцијата, а истовремено да се обезбеди фискална дисциплина и одржливост.

Тевдовски се осврнал и на реализираните реформи во областа пензискиот систем, даноците, на спроведувањето на здрави фискални политики и на транспарентноста при трошењето на јавните пари. Нагласил дека јавниот долг е ставен под контрола и оти е зајакната фискалната дисциплина.

– Од 2008 до 2016 јавниот долг рапидно растеше – практично беше удвоен од 23,3 отсто на 48,8 отсто од БДП. На крајот на 2018 година, јавниот долг е на исто ниво со 2016 година. Затоа со право може да кажеме дека ако порано сме имале брзорастечки јавен долг – вон контрола, сега тој е стабилизиран и е под контрола- посочил Тевдовски.

На панелот на кој учествува Тевдовски, присутни се и министерот за здравство на Црна Гора, Кенан Храповиќ, заменик министер за финансии и економија на Албанија, Ерјон Лучи, координаторот за Програмите за економски реформи на Босна и Херцеговина, Зоран Жељко и Ирена Дрмеж од Министерството за финансии на Словенија. Воведничар е Андреас Пападопулос од Генералниот директорат на ЕК за проширување.

Подготовката на Програмата за економски развој е координирана од страна на Министерството за финансии, а се доставува до ЕК по нејзиното усвојување, најдоцна до 31 јануари. Потоа таа се оценува преку оценски мисии во земјата од страна на ЕК, Европската централна банка и Еуростат, по што започнува дијалог во рамки на Советот на ЕУ. Процесот завршува со донесување заеднички заклучоци врз основа на оцената на Програмата за економски реформи и се даваат препораки за подобрување на макроекономската политика на земјата, управувањето со јавните финансии и квалитетот на структурните реформи.