Фото: Дарко Андоновски

Европската банка за обнова и развој ќе влезе во финансирање на изградбата на автопатите Скопје – Блаце и Кичево – Гостивар, односно првата делница Кичево – Букојчани, истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, на годишните средби на Европската банка за обнова и развој, кои се одржуваат во Сараево.

-На годишните состаноци на ЕБОР имавме шанса да зборуваме за тековната, но и идната соработка со Банката. Договоривме поддршка за идниот период – изградба на важни патишта во нашата земја. Тоа се автопатите Скопје – Блаце и Кичево – Гостивар, односно првата фаза Кичево – Букојчани, како и изградба на електронски патарини по должината на Коридорот VIII и на патот Миладиновци – Штип, рече Тевдовски.

Тој посочи дека се бараат и се обезбедени и грант-средства за изградба на овие патишта. За Кичево – Букојчани преку Инструментот за Западен Балкан обезбедени се 20 милиони евра, а за Скопје – Блаце се очекуваат грант-средства од ЕБОР во износ од 27 милиони евра до крајот на годината.

-Тоа се неповратни средства. Овие се добри проекти бидејќи ќе се гради инфраструктурата, која ќе го придвижи и економскиот раст, но и ќе ги подобри условите за живеење на граѓаните во нашата земја, вели Тевдовски.

ЕБОР во јавниот сектор во земјата финансира најмногу проекти од патната и железничката инфраструктура. Портфолиото на Банката во овој сектор изнесува 622 милиона евра.

Тевдовски и премиерот Зоран Заев учествуваа на годишните средби на ЕБОР во Сараево.