За разлика од периодот од 2008 до 2016 година кога јавниот долг беше брзорастечки, галопирачки, и се зголеми од 23 проценти од БДП на 48,8 отсто, сега тој е стабилизиран и е понизок од 2016 година, односно изнесува 48,7 проценти од БДП, истакна денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната средба со новинари.

Нагласи дека, долгот е под контрола, бидејќи, како што рече, трошокот кој го плаќаме, каматите, се значително намалени.

– На пример, ако на почетокот на 2016 година каматата за 12-месечни записи без девизна клаузула изнесувала 2,6 отсто, на почетокот на 2017 – 2,1 проценти, сега таа е намалена на 0,8 отсто. Издејствуваме најниска каматна стапка од 2,75 проценти за еврообврзницата од 2018 година, додека претходните еврообврзници имале камати во распон од четири отсто до 10 проценти- наведе Тевдовски, потенцирајќи дека е зголемена и рочноста на портфолиото и преполовен е бројот на аукции што го прави долгот полесен за сервисирање.

Тој рече дека земјата неодамна пристапила кон највисокиот статистички стандард СДДС плус, кој го исполнуваат само 18 земји во светот.

– Со измените на Законот за јавен долг, кои се во собраниска процедура, го враќаме и негарантираниот долг во пресметката за јавен долг. Ова беше препорака од меѓународните финансиски институции, како и наша заложба за транспарентно известување за долгот, откако во 2014 година негарантираниот долг беше изваден од пресметката. Исто така, со измените во законот, ја враќаме Стратегијата за јавен долг, која во 2011 година беше вметната во Фискалната стратегија, со што се намали обемот на податоци- објасни министерот за финансии.