Од АД ЕСМ информираат дека акумулациите со кои управува АД ЕСМ интензивно се полнат. Додека на 1 јануари исполнетоста на акумулациите беше на ниво од само 6 проценти, а на 12 јануари нивната исполнетост изнесува 12 проценти.

Или од 35 гв/ч, колку што во акумулациите имаше акумулирана енергија на 1 јануари, сега акумулираната енергија во акумулациите изнесува 70 гв/ч. Тоа што посебно радува е што акумулираната енергија во акумулациите покажува тренд на дневно зголемување од два проценти, што дава можност за постепено поголемо ангажирање на хидроелектраните за производство на електрична енергија, велат од АД ЕСМ.

– Во октомври, ноември и декември 2020 година, АД ЕСМ набави 135,49 гв/ч електрична енергија, со цел целосно исполнување на договорот со Универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ, по одлуката донесена по насока на Владата за запирање на приоизводството од хидроцентралите поради лошата хидролошка година. Во 2021 година не се врши набавка на електрична енергија – информираат од АД ЕСМ.

Во моментов нема поплави во рудниците, од кои РЕК „Битола“ се снабдува со јаглен, но обилните врнежи значително ги отежнуваат условите за работа. Сепак, АД ЕСМ и РЕК „Битола“ со сопствени ресурси ја санираат состојбата и се вложуваат сите напори да се
задржи стабилно производството на електрична енергија од РЕК „Битола“, истакнуваат од АД ЕСМ. М.М.