Стечајниот управник констатирал

Штедилницата и менувачница ТАТ Битола, била дива штедилница уште од самиот почеток, тврди актуелниот стечаен управник на ТАТ, Коле Волчевски. Според него, оваа штедилница, која веќе 22 години е во стечај и која до нејзиното пропаѓање важеше за една од најдобрите во државата не била воопшто регистрирана како правен субјект во Централниот регистар.

До ваквото сознание дошол стечајниот управник на ТАТ, Коле Волчевски, деновиве кога сакал некои објекти, станови и куќи, кои штедилницата ги добила по завршувањето на судските постапки, да ги впиши во катастарот како имот на штедилницата во стечај.

– Тоа што штедилницата ТАТ воопшто не била регистрирана во Централниот регистар како правен субјект, сега ни прави големи проблеми, бидејќи во сите катастари во државата едноставно не сакаат ни да слушнат да ги запишат објектите што сега се во наша сопственост, како имот на ТАТ во стечај, откако во редовна судска постапка сме ги добиле од корисниците на кредити, кои ги обезбедиле со хипотеки – вели Волчевски.

Ваквата информација изнесена првпат во јавноста, дека штедилницата ТАТ не била воопшто регистрирана во Централниот регистар, во најмала рака ги збуни штедачите на ТАТ, кои и натаму не се откажуваат од намерата да бидат обесштетени, но и го отвора прашањето како штедилницата воопшто работела во платниот промет сите изминати години. Деновиве за состојбата во која се наоѓа штедилницата ТАТ, наводно се заинтересирал кабинетот на премиерот Зоран Заев, од каде што била побарана комплетна информација во каква состојба се наоѓа штедилницата ТАТ, која 22 години е во стечај. Иако штедачите тврдат дека ТАТ има имот, кој кога би се продал тие во голем број би можеле да бидат обесштетени, сепак информациите до кои дојде „Нова Македонија“ зборуваат дека состојбата не е баш таква. ТАТ во моментот има расчистено вкупно 235 хипотеки, кои се дадени на присилно извршување и наплата. Најголемиот дел од хипотеките се од Битола, но ги има и во Кавадарци, Неготино, Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица.. и нивното впаричување оди многу тешко. И додека штедачите на ТАТ тврдат дека тие 235 хипотеки тежат неколку милиони евра, според стечајниот управник Волчевски, тие изнесуваат нешто над 49 милиони денари, или околу 800.000 евра.

Од овие хипотеки има вкупно девет куќи, кои се „чисти“ и на кои ТАТ има право на сопственост на идеална половна, но и тие многу тешко можат да се продадат бидејќи никој не сака да купува мачка во вреќа, зашто една идеална половина поседува и должникот на ТАТ. Вкупната вредност на куќите изнесува околу 17 милиони денари.

Покрај поседувањето 235 хипотеки, штедилницата ТАТ во стечај поседува и 123 илјади хектари плодно земјоделско земјиште, кое е сопственост на 13 должници, кои подигнале заеми од штедилницата. Вкупната вредност на ова земјиште, доколку би се продало по 30 денар за квадратен метар, изнесува околу пет милиони денари. Но барем досега никој не бил заинтересиран за купување на ова земјоделско земјиште.
Инаку, според стечајниот управник Волчевски, вкупната вредност на имотот што го поседува штедилницата ТАТ во стечај, изнесува некаде околу 70 милиони денари или 1,2 милион евра, што ни оддалеку не се доволни ни за обесштетување на 10 отсто од штедачите, кои побаруваат над 22 милиони евра.

Иако татовци неодамна се откажаа од судскиот процес против државата, во кој беа вклучени над 80 члена на Здружението на необесштетени штедачи, сепак најголемиот број од штедачите велат дека додека се живи ќе си ги бараат своите пари.
– Ние се откажавме од судската постапка против државата пред сѐ поради тоа што немавме пари да ги плаќаме судските такси. Но од парите ниту сме се откажале, ниту некогаш ќе се откажеме – велат татовци.

Интересно е што по секое обесштетување, бројот на необесштетени штедачи наместо да се намали, се зголемува. За тоа најдобро зборува податокот дека до пред извесно време имало 5.735 необесштетени штедачи, но откако некои од нив починаа бројката се зголеми на 5.900, бидејќи се јавија како доверители нивните наследници по отворањето на стечајната маса.