Фото: Дарко Андоновски

Извори од пратеничките групи, сепак, се оптимисти дека ќе биде постигнат договор и оти до сабота би можело да се изгласа договореното на лидерската средба вклучувајќи ја и ДИК

Веднаш по завршувањето на делумно успешната лидерската средба, лидерите на партиите си упатија меѓусебни обвинувања, а по почетниот залет, процесите за спроведување на договореното, сепак, извесно време останаа на чекање. Премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил напиша: „Татковината ќе ја биде. Македонија ќе стане членка на ЕУ и НАТО, а македонскиот народ вечно ќе биде македонски народ и вечно ќе зборува македонски јазик“. Остри меѓусебни обвинувања по лидерската средба пристигнаа и од штабовите на власта и на опозицијата.

Кога се чинеше дека нема поместување во случувањата по лидерската средба, се огласија координаторите на пратеничките групи, кои потврдија дека бил усогласен Законот за Влада во делот на техничката влада и дека на него веќе има потписи од сите пратенички групи, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ. Според извори во владејачките партии, проблемот настанал кога требало да се имплементира договореното за финансирање на политичките партии и кога освен во Законот за финансирање на политичките партии, опозицијата побарала измена во членот 165 од Кривичниот законик.

Сепак, веднаш по лидерската средба, премиерот Зоран Заев изрази незадоволство од постигнатиот делумен договор.
– Мицкоски денес доби избор на ДИК по услови, кои тој ги бараше. Доби закон за финансирање партии со негови предлози, вклучен во текстот на законот. Доби и техничка влада по пржинскиот модел пред сите избори. Сето ова го добиваше во пакет со единствен услов – да ги повика гласачите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ да излезат на претстојниот референдум и да гласаат по сопствено убедување – изјави премиерот Зоран Заев по завршувањето на лидерската средба. Иако дадена со тон на огорченост, бидејќи лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и покрај добиениот пакет во политичките преговори, не одговорил позитивно на единствениот поставен услов, во изјавата на премиерот Заев е сублимирана суштината на десетчасовните преговори меѓу лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на Беса.

Во епилогот на лидерската средба не може да се наведе дека е постигнат договор за темите поврзани со референдумот на кој граѓаните на Република Македонија би требало да се изјаснат за (не)прифаќање на спогодбата од Мала Преспа, односно за карактерот и датумот на одржување на референдумот, а најголемите разлики во ставовите биле во однос на формулацијата на референдумското прашање.

– Нашата позиција е јасна и таа е партиски став дека референдумското прашање мора да биде еднозначно што впрочем го дефинира и самиот Закон за референдум, но и самиот Устав, односно да има едно значење, а не да биде поврзувано со повеќе значења. И тука имаме генерално разлики со парламентарното мнозинство, и во делот околу карактерот на референдумот, за што мислам дека ќе ги приближиме ставовите, односно, генерално имавме приближување околу ставовите што мислам дека за успешен се смета оној референдум според Уставот на кој се исполнети два кумулативни услова. И тоа првиот услов, одзивот на таквиот референдум да биде поголем, односно да биде 50 отсто плус еден, и минимум 50 отсто плус еден од тие што излегле на тој референдум да гласаат „за“ или „против“ на евентуалното референдумско прашање. Тоа е она што би подразбирало успешен референдум, кое повторно ќе кажам, може да го распише единствено парламентарното мнозинство, и тука ние како опозиција се обидуваме да влијаеме во делот на тоа повторно да не се кршат законите, процедурите и Уставот, да биде тоа на еден нормален начин, кој ќе биде соодветен на законите и на Уставот, со други зборови ги штитиме интересите на граѓаните – изјави по лидерската средба претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Веднаш по завршувањето на лидерската средба, во Собранието на РМ беа преземени активности за избор на Државната изборна комисија, кои, сепак, немаа успешен исход. Комисијата за прашања на изборите и именувањата во понеделникот по 19 часот одржа седница на која беше утврдено дека на огласот за членови на ДИК се пријавиле 47 кандидати, кои поименично беа соопштени. Овој список потоа формално беше доставен до Џафери, кој ги известил партиите и побарал од нив да се изјаснат кои кандидати ги предлагаат за членови на ДИК. Откако партиите ќе достават предлози до првиот парламентарец, тој треба да ја извести комисијата, која, пак, треба да ги утврди кандидатите предложени од партиите. Беше најавено и одржување на пленарна седница и составот на ДИК да биде изгласан со двотретинско мнозинство, а во јавноста беше пласирано името на Оливер Деркоски за претседател на ДИК (предлог на ВМРО-ДПМНЕ), но ништо од тоа не се случи поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ вчера не поднесе предлози за членови на Државната изборна комисија.

– Вчера во текот на првиот дел на средбата беше договорено и прецизирано во однос на законските подобрувања во делот на финансирање политички партии и техничка влада, за веднаш потоа да се изгласа и ДИК на стариот принцип, како и претходно. Предлозите ни се подготвени и ги имаме, но она што е најважно е да почне процесот на договореното, а тоа е да се изгласаат законските измени во однос на Законот за финансирање политички партии и техничка влада пред избори по пржинскиот модел како во 2016 година и веднаш потоа ќе се изгласа и ДИК – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Извори од пратеничките групи, сепак, се оптимисти дека ќе биде постигнат договор и оти до сабота би можело да се изгласа договореното на лидерската средба вклучувајќи ја и ДИК.

Во спротивно, од СДСМ и од ДУИ нагласуваат дека останува отворена опцијата да го изгласаат составот на ДИК со 61 глас според предложените измени на Изборниот законик, кои сѐ уште не се повлечени, односно без опозиција, опција што велат дека не ја посакуваат имајќи го предвид историскиот момент за Македонија.