Фото: Игор Бансколиев

Духовното и материјалното наследство на Македонија ќе се одржува и промовира во земјава и во странство преку соработка меѓу Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) и националната установа Ансамбл за народни игри и песни „Танец“. Ова е нова форма на промоција со која ќе се негуваат нашите вредности и нивна промоција на меѓународно ниво преку песни отсвирени на традиционални инструменти и танци одиграни во автентични носии. Ова го обелодени директорот на АППТ, Љупчо Јаневски, кој наедно посочи дека во програмата на Агенцијата за наредната година се предвидени промотивни кампањи во Србија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Албанија, Косово, Полска, Германија, Романија, Шведска, Италија, Израел, Турција и во Германија.

– Наредната, 2020 година промоцијата ќе се збогати со продукција, дизајн, изработка, печатење и дистрибуција на фотоброшура, која цели кон подобра промоција на социјалните медиуми, односно со користење хаштаг на социјалните медиуми ќе се собираат тематски фотографии од нашата земја, кои потоа ќе бидат дел од печатено издание – фотоброшура. Предвидена е и продукција на 360 виртуелни тури за туристички дестинации во Македонија – објасни Јаневски.

Според него, оваа година била во знакот на активните форми на туризам, што наложило и потреба од мапирања на потенцијалните точки и региони, кои нудат можност за развој на авантуристичките форми на туризам што ќе се лансираат како едни од најпопуларните дестинации за задоволување на авантуристичките апетити.
– Агенцијата за туризам во соработка со институциите, здруженијата и сите инволвирани и засегнати страни целосно ги реализира проектите за спортско качување и алпинизам.

Ултимативната цел на ваков тип активности е општ пораст и развој на туризмот како индустрија во земјава и наедно пораст на една целна група туристи слободни патувачи, кои се симбол за авантура и независност. Во постапка е реализацијата на проектите за 10 најкачувани врвови во Македонија, што опфаќа обележување неколку правци на качување на Бислимска Клисура во Куманово и поддршка за развој на локалитет Кукуље Село, Нов Истевник, во Делчево. Означени се и спортско-качувачките локалитети на местата Кадина Река, Демир Капија и Маврово, додека наредната година е предвидена реализација на проект за збогатување на туристичката понуда на езерото Козјак. Во соработка со локалната самоуправа од општината Желино, ќе се изработат видиковци и одморалишта и ќе се означат туристичките потенцијали со информативни табли – истакна Јаневски.

Наредниот период ќе се работи на проект за изработка на археолошки водич, кој ќе ја сублимира археологијата во државава, а ќе биде наменет за странската и домашната јавност и преведен на неколку светски јазици. Директорот Јаневски очекува следната година повторно да има раст кај туристите и кај ноќевањата, и тоа од 5 до 7 проценти. За оваа цел, во 2020 година, за субвенционирање на странскиот организиран туристички промет се наменети вкупно 80 милиони денари, додека во тековната година има реализација од 99,83 отсто на предвидениот годишен буџет за субвенциониран странски туристички промет.