Прекуграничната трговија се одвива без проблеми, кај извозот бројките покажуваат зголемување кај свежиот зеленчук и овошјето, а увозните давачки во март бежат просечно намалување од 10 отсто во споредба со минатата година, поради кризата, соопшти директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски на денешната прес-конференција во Владата, истакнувајќи ја и намалената потрошувачка на акцизна стока и намалената цена на нафтените деривати.

Тој оцени дека Царината има исклучително сложена и одоговорна функција и оти и во овие услови ги завршува задачите и врши контрола на увезените стоки, обезбедувајќи да нема никакви нарушувања во снабдувањето.

Вредноста на извозот во периодот од јануари до март изнесува 86,77 милијарди денари или 1,41 милијарда евра, што е за 210 повеќе во однос на минатата година. Вкупната количина на извезена стока, пак, изнесува 702.650 тони.

Извозот на свеж зеленук во март годинава е поголем за три илјади тони во однос на 2019 година, и покрај исклучително тешките услови, додека вредноста, сепак, бележи одредено намалување кое изнесува 290 милиони денари или околу 4,7 милиони евра.  Извозот на свежо овошје, во март 2020 е поголем за милион евра во однос на истиот месец минатата година кога изнесувал 3,7 милиони евра или 9.126 тони.

Меѓу мерките за олеснување на работата на економските оператори Танасоски ги наведе продолжениот рок на одобренијата за поедноставени постапки до 30 септември годинава, укинувањето на царинските давачки на потрошен медицински материјал, лекови и суровини за производство, укинување на царинската давачка за замрзнато свинско место, можност за одложување на плаќањето на царина, ДДВ и акциза, продолжување на важноста на банкарските гаранции, а поедноставена е постапката за реиздавање одобренија за повластените корисници на етилалкохол.