Фото: Маја Јаневска-Илиева

Избегнувањето даноци го ослабува системот, незадоволството од институциите ја поттикнува сивата економија

Непријавената работа е распространета во секој сегмент, а доколку некој сака да избегне даноци може лесно да најде начин да ги постигне посакуваните цели по пониска цена, во која не се пресметани давачките кон државата. Експертите велат дека оваа појава е најмногу присутна во земјоделството и градежништвото, но додаваат дека ја има секаде, во секоја дејност и во секоја област.

Поврзаноста на „неформалната (сива) економија“ со „незадоволството на граѓаните од услугите на државата“

Ги запрашавме економистите и социолозите колку кон ширењето на неформалната економија придонесува незадоволството на граѓаните од услугите што треба да ги обезбеди државата, кон нивното наклонување кон неформалната економија, или кон нивните одлуки за работење без притоа да им се платени придонесите.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов објаснува дека неформалната економија е широко распространета и додава дека незадоволството на граѓаните од услугите на државата придонесува за тоа, но дополнува дека има и многу други причини за нејзино ширење.
– Веројатно и незадоволството на граѓаните од услугите што ги обезбедува државата, или кои треба да ги обезбедат државните институции придонесуваат кон непочитување на законите и избегнување на даноците. Тука удел има и недовербата во институциите. Голема е веројатноста дека на ваков начин си ја олеснуваат совеста, бидејќи сите сме свесни дека треба да се бориме со сивата економија, дека не треба да ја прифаќаме, но кога ќе се најдат луѓето во ситуација да можат да спасат некој денар, си викаат, еве, државата не ги исполнува своите обврски спрема мене, па нема ни јас кон неа. Но ова не треба да биде оправдување и сметам дека инспекциите треба да бидат поригорозни, подоследни во спроведувањето на законот, да се зголеми бројот на инспектори што доследно ќе бараат почитување на законите. Кога луѓето ќе увидат дека законите мора да се почитуваат, дека ќе добијат казна ако не почитуваат, тогаш и сивата економија ќе се намалува – објаснува Узунов.

Сивата економија – појава со која се ублажуваат ударите на сиромаштијата?!

Социологот Илија Ацевски објаснува дека на сивата економија се гледа како на појава со која се ублажуваат ударите на сиромаштијата, бидејќи со неплаќањето даноци граѓаните заштедуваат дел од сумата со што си обезбедуваат за опстанок. Но тој потенцира дека ако истата таа има големи размери има повеќе штета врз државата, бидејќи со неплаќањето на даноците се урнисува системот, нема пари за реализација на основните услуги, како што се здравствените услуги, нема за образование, ниту пак за другите сегменти што треба да ги финансира државата…
– Постои одредено оправдување дека неформалната економија се дозволува за да нема бунтови во државите. Во општества каде што голем дел од работниците работат надвор од системот, не се бунат ако нешто поскапе, не создаваат нестабилност, не вознемируваат… Затоа на еден начин сивата економија како да е дозволена од државата, институциите не ги санкционираат сите, навидум државата не прави притисоци, за да не создава тензии, како да дозволува луѓето да работат без да плаќаат даноци. Но сето ова резултира со драстично ширење на сивата економија, луѓето сметаат дека ако на еден му поминало, може и тој да се заработува, па дури и да се богати или, пак, да преживува, зависи кој во каква ситуација се нашол, или да работи без да плаќа даноци. Ако реално се погледнат состојбите, ќе видиме дека во многу области се работи без да се пријави целата заработка или, пак, без воопшто да се пријавени… но сето ова резултира со штета врз државата, срозување на услугите што таа ги обезбедува за граѓаните, кои потоа, пак, незадоволни од она што треба таа да го обезбеди се реваншираат со непочитување на прописите во земјата или неплаќање на даноците – посочува Ацевски.

Тој додава дека државата замижува во некои ситуации, а како пример посочува локации во главниот град каде што инспекторите не успеваат да направат контрола, не можат да проверат дали се издаваат фискални сметки, ниту дали работниците се пријавени, иако имаат обрт на големи финансиски суми.
– Поради замижувањето за одредени сегменти каде што не се плаќаат даноци, не се издаваат сметки, нема пријавени работници, резултираше истата таа да се шири. Потребни се изненадни инспекции, контрола на терен, дали се пријавени работниците, дали се плаќаат даноци, но и санкции за непочитувачите на законите, за да разберат и оние што ги почитуваат и оние што не ги почитуваат законите дека не се исплати да се заобиколува законот. Но, за жал, кај нас состојбите се излезени од колосек, сивата економија има земено голем замав.

Сѐ додека луѓето не сфатат дека како поединци нешто можеби добиваат, но дека системот губи многу, а на тој начин и тие самите губат од услугите што треба да ги добијат од државата, како што се на пример здравствените услуги, состојбите нема да се подобрат. Јасно е дека кај граѓаните се создава револт, па не сакаат да ги намират давачките. Чести се жалбите на граѓаните дека при разни прегледи во јавниот систем се третирани понижувачки, поради што се револтирани од односот, сепак, тоа не треба да биде причина да се откажуваат или да ги избегнуваат даноците, бидејќи вака сите си го девастираме системот, и сите губиме. Има многу граѓани што не можат да си дозволат здравствен преглед приватно, што не значи дека треба да ги оставиме на цедило, мора да функционира системот, а затоа е потребно почитување на правилата, но и исполнување на обврските од државата кон граѓаните – заклучува Ацевски.

Методи за сузбивање на сивата економија

Професорот по економија Узунов додава дека во светот има повеќе методи што се применуваат за намалување на сивата економија.
– Еден ефикасен начини за сузбивање на сивата економија е преку забрана за плаќање во готовина. Ако се плаќа електронски, ќе има записи што покажуваат каде патувале парите. Основно правило за сузбивање на сивата економија или, пак, на даночната евазија е следи ги парите. Но бидејќи плаќањето во готовина не може да се следи, најдобро решение е поголем дел од плаќањата да се одвива електронски. Генерално сметам дека треба да се промени менталитетот, сфаќањата кај народот дека не се исплати да се избегнува плаќањето даноци. За жал, низ нашиот народ сѐ повеќе се верува и се смета дека е подобро да се избегнат законите отколку да се почитуваат, а ова мислење се шири меѓу младите, за разлика од повозрасните граѓани, кои во ниеден случај не размислуваат за кршење на законите – потенцира Узунов.