Фото: Игор Бансколиев

Сушата што ја зафати Македонија изминативе месеци ја задоцни есенската сеидба на житните култури. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, вели дека периодот без врнежи од пет до шест месеца ќе ги намали приносите на пченицата и на јачменот за наредната година. Според првични процени, Шакалев вели дека само во источниот регион, приносите ќе бидат намалени за 60 до 70 отсто. Тој додава дека засега не може да се предвиди колкави површини се засеани со лебно зрно и храна за добитокот и дека бројките ќе се видат откако земјоделците ќе се пријават за добивање државна помош, односно субвенции.

– Почетокот е многу лош, мислам дека таква суша и такво доцнење на сеидбите не се запаметени. Земјоделците се трудеа, колку можеа, што би рекле набрзина, не почитувајќи ги сите норми, временски ограничувања – вели Шаклев.

Тој забележува дека сега ќе се молат она што ќе никне да не го изеде мразот, а лошиот почеток може делумно да го спасат пролетните дождови. Нивите што есента останаа незасеани се очекува да бидат обработени во текот на пролетта, кога ќе можат на нив да се сеат пченка или сончоглед. Шаклев истакна дека климатските промени не им одат во прилог и затоа веќе треба да се менуваат и земјоделските навики, но и она што ќе се сее или сади на нивите.

Претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров, пак, посочи дека есенските месеци оваа година биле крајно неповолни за земјоделскиот сектор.

– Во Пелагонија оваа есен со житни култури беа засадени одвај една третина од површините што изминативе години се сееле со житни култури. Поради ова, многу е важна пролетната сеидба и колку од таа сеидба ќе се добие квалитетен производ. Од друга страна, факт е дека секоја одложена сеидба на житните култури ќе се одрази и врз приносите – посочи Тантаров, додавајќи дека од година на година има сѐ помалку засадени површини со пченица, но не само поради временските непогоди, туку и поради малиот интерес кај земјоделците, кои се разочарани од ниските откупни цени.

Тој дополни дека секоја година временските услови се сѐ полоши поради влијанието на климатските промени, посочувајќи дека во последниве години нема класично лето, ниту есен, или зима. Поради ова, Тантаров смета дека научниците треба да предложат нови типови култури, кои земјоделците би можеле да ги одгледуваат или, пак, современи и поотпорни семиња.

– Неопходно е за житните култури да има и државна помош, за да се избегне истите тие да исчезнат од нашите ниви, како шеќерната репка, ’ржта, сончогледот. Дури и јачменот сѐ помалку се одгледува, зашто нема кој да го купи – додава Тантаров.
Експертите потврдуваат дека есенската сеидба е многу важна, но додаваат дека сѐ уште има простор да се стигне со производството на пченица, бидејќи ќе има и пролетна сеидба. Тие сметаат дека е рано да се даваат какви било прогнози за произведени количества или, пак, за цени.

Временските непогоди, кои се резултат на климатските промени, во иднина се очекува да бидат уште поизразени, а се особено штетни за земјоделството. Се намалуваат приносите на жито, на градинарските и на фуражните култури, и општо се намалува производство на храна за луѓето и за животните. Поради ова, државата мора да се подготви за климатските промени, особено земјоделскиот сектор.