На Македонија и се случува голема градежна инвестициска активност, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески за време на денешната посета на пелагонискиот регион.

Тој и градоначалникот на Битола Наташа Петровска извршија увид на градежните активности кои се одвиваат на регионалниот пат-обиколница над Битола, како и на локалниот пат Битола-Лавци.

– Во оваа инвестиција се вложуваат 1,5 милиони евра. Рокот за завршување е 8 месеци, но ние сме заинтересирани рокот да биде скратен. Изведувачите ме информираа дека доколку временските услови тоа го дозволат, барањето ќе биде исполнето. Ги повикувам возачите на трпение бидејќи во овој момент решаваме еден од поклучните сообраќајни проблеми на обиколницата која беше сериозно оштетена, посочи Сугарески.

Министерот Сугарески потсети дека оваа активност е дел од севкупната инвестициска дејност која што претходно изаедно со премиерот беше најавена за повеќе региони во државата.

– Во Македонија во моментов интензивно работиме на два патни правци, два автопата, Штип-Миладиновци кој ќе биде готов за брзо време, а интезивирана е и динамиката на автопатот Кичево-Охрид, особено по потпишувањето на анексот, четир експресни патишта низ  се градат интензивно, но и бројни реконструкции. Најавивме дека преку програмата на ЈП Државни патишта ќе биде реконструиран 31 регионален пат и тоа е во тек. Големата градежна инвестициска активност и се случува, и ќе и се случува на Македонија во наредните неколку месеци односно до крајот на градежната сезона, истакна Сугарески.

Министерството за транспорт и врски во пелагонискиот регион наскоро ќе почне со рехабилитација на патот Битола-Демир Хисар и патот Битола-Меџитлија, а паралелно се работи проектната документација за автопатско решение на патот Битола-Прилеп.

– Овој регион во наредните две години интензивно ќе се гради, а со завршување на експресниот пат Прилеп-Градско ќе имаме одлично сообраќајно поврзување на овој дел од државата, а со тоа и да овозможиме овој регион да биде уште повеќе развиен. До крајот на  ноември очекуваме да биде завршена и изградбата на железничката пруга Битола-Кременица и затоа преговараме со властите од соседна Грција да биде направен технички прием и железничката линија да биде ставена во функција, нагласи Сугарески.

Според градоначалникот на Битола Наташа Петровска, општината конечно добила вистински третман и поддршка од државата за крупните инфраструктурни зафати.

– Битола ја добива динамиката на инфраструктурни зафати кои што градот ги заслужуваше и во минатото но ги немаше. Сега состојбите се поинакви. Реконструкцијата на обиколницата над Битола е потврда за тоа, како и реконструкцијата на локалниот пат што води до селото Лавци и каде се врши реконструкција на канализациската и водоводната мрежа. Вкупната инвестиција е над 19 милиони денари, а 12милиони денари се средства од општинскиот буџет, наведе Петровска.