Наскоро јавноста преку акционерското друштво во државна сопственост Македонски енергетски ресурси – МЕР ќе биде информирана за сѐ што се случува со изградбата на гасоводот на делот кај Водно, најави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

– Во повеќе наврати обезбедивме јавни дебати со екологистите. Бидејќи МЕР ги склучува договорите со компаниите, за сѐ што како новина е постигнато комплетно ќе објасни директорот на МЕР. Ќе се изјасни за она што се случува на терен за да нема шпекулации дали она што е договарано таму е така или не – истакна министерот Сугарески во одговор на новинарско прашање за ангажирањето на механизацијата на терен при денешната посета на Пониква.

МЕР, пак, денеска преку соопштение за медиумите информира дека е отворен за разговори со граѓанските здруженија.

– Како и секогаш МЕР АД Скопје е отворен за разговори, и по принципот на инклузивност ги повикуваме граѓанските здруженија наредните денови на разговор, за да се разјаснат недоразбирањата и да одговориме на прашањата кои создаваат недоречености – се вели во соопштението од МЕР.